УНАПРЕДУВАЊЕ НА ПРОФЕСИОНАЛНИТЕ КАПАЦИТЕТИ ЗА ЕФЕКТИВНО ОСТВАРУВАЊЕ НА ПРАВОТО НА ПРИСТАП ДО ИНФОРМАЦИИ
Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер, во соработка со Советот на Европа, реализираше стручна обука посветена на прашања од значење за доследното и ефективно остварување на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер.

Активноста беше реализирана во рамките на проектот „Заштита на слободата на изразување и слободата на медиумите во Северна Македонија (ПРО-ФРЕКС)“, како дел од заедничката програма на Европската Унија и Советот на Европа „Хоризонтален инструмент за Западен Балкан и Турција 2023–2026“.
Со поздравни обраќања, обуката ја отворија директорот на Агенцијата, Петар Гајдов, и Олег Солдатов, Шеф на Програмската канцеларија на Советот на Европа во Скопје.

Во фокусот беа практичните аспекти на примената на стандардите за пристап до информации, размената на професионални искуства и унапредувањето на институционалните капацитети за постапување по барањата за пристап до информации од јавен карактер.
Правото на пристап до информации претставува суштинска компонента на транспарентното и отчетно институционално работење. Неговото ефективно остварување бара не само соодветна нормативна рамка, туку и континуирано јакнење на професионалните знаења и практичните капацитети на институциите.

Со стручна соработка, размена на искуства и континуирано унапредување на практиките, Агенцијата продолжува да придонесува кон конзистентна примена на правото на пристап до информации и кон повисоки стандарди на институционална транспарентност и отчетност.
