ОБУКА ЗА НОВОНАЗНАЧЕНИ СЛУЖБЕНИ ЛИЦА

21.09.2023

Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер продолжува со обуките за службените лица кај имателите на информации од јавен карактер. Обуката на тема „Слободен пристап до информации од јавен карактер и практична примена на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер“ овој пат со физичко присуство се одржа на 21 септември 2023 година, во просториите на Агенцијата. На обуката присуствуваа пред се новоназначени службени лица од органите на државната управа и единиците на локалната самоуправа.

Обуката ја реализираше тим на обучувачи од Агенцијата, а цел на истата беше подигнување на јавната свест и степенот на запознаеност на имателите на информации со Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, како и на обврските кои за нив произлегуваат од него, со посебен осврт на начинот на остварување на правото на пристап до информациите од јавен карактер.

Новоназначените службени лица беа запознаени со историјатот, развојот на правото на слободен пристап до информации и со законската легислатива, со значењето на проактивната транспарентност на имателите на информации, како и запознавање со порталите и нивната примена во работењето на лицата задолжени за посредување со информациите од јавен карактер. Притоа, детално беа образложени постапката по барања за информациии од јавен карактер, жалбената и прекршочна постапка, како и законската обврска на имателите за подготовка на нивните годишни извештаи.

Ги повикуваме сите службени лица кај имателите на информации и самите да се пријавуваат за следење на обуките, на електронската адреса: obuki@aspi.mk.

Accessibility Toolbar