МОЛЧЕЊЕТО НА УПРАВАТА И НАТАМУ ГЛАВНА ПРЕЧКА ЗА ТРАНСПАРЕНТНОСТА
Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер подготви полугодишна анализа за периодот јануари – јуни 2025 година, со фокус на молчењето на управата како сериозна и повторувачка појава која ја загрозува транспарентноста на институциите.
Во првите шест месеци од 2025 година, до Агенцијата се поднесени вкупно 333 жалби, од кои дури 234 (70,27%) се однесуваат на молчење на управата, односно непостапување по барањата за информации во законски пропишаниот рок. Трендот на висок процент на жалби поради молчење, се повторува веќе петта година по ред, што укажува на вкоренета институционална пасивност и недостаток на отчетност на имателите на информации.
Меѓу институциите со најмногу жалби поради молчење се:
- Министерството за финансии,
- Град Скопје,
- Општина Охрид,
- Министерствата за здравство и транспорт,
Анализата покажува дека многу институции постапуваат по барањата само по интервенција од страна на Агенцијата, со што се зголемува административниот товар и се пролонгира правото на пристап до информации како основно уставно и демократско загарантирано право.
Податоците за последните пет години покажуваат стабилен, но неприфатлив тренд: молчењето на управата учествува со 60–80% од сите жалби годишно, што ја поткопува довербата во јавните институции и ги отежнува механизмите за граѓанска контрола.
Во извештајот се содржани и:
- детална анализа на податоците,
- примери на иматели кои најчесто не постапуваат во законскиот рок,
- идентификувани причини за молкот,
- како и конкретни препораки до институциите за подобрување на пристапот до информации.
Молчењето на управата не смее да биде толерирана пракса – тоа претставува повреда на правото на граѓаните да бидат информирани, но и сериозна пречка за доброто владеење
Анализата можете да ја најдете на следниот линк: