МОЛКОТ НА АДМИНИСТРАЦИЈАТА – СИСТЕМСКА ПРЕЧКА ЗА ТРАНСПАРЕНТНОСТ

22.07.2025

 

Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер изготви анализа молкот на администрацијата во земјите од Западен Балкан. Молкот на администрацијата – непостапување по барања за информации во законски пропишаниот рок – е идентификуван како клучна системска пречка за транспарентноста и отчетноста на институциите во регионот.

Анализата, која споредува податоци за 2023 и 2024 година од Северна Македонија, Албанија, Косово, Црна Гора, Србија и Босна и Херцеговина, покажува дека просечната стапка на молк на администрацијата достигнува алармантни 56,3%. Ова укажува на длабоко вкоренет институционален образец на избегнување на отчетноста и транспарентност на информациите од јавен карактер.

Клучните причини за молкот се:

  • Институциите свесно избегнуваат одговор на чувствителни теми.
  • Отсуство на институционална култура на отчетност.
  • Иако законите предвидуваат казни, тие ретко се применуваат, создавајќи чувство на неказнетост.
  • Службениците се воздржуваат од давање информации поради можно откривање на институционални пропусти, неправилности или незаконитости, како и да предизвика негативни реакции од јавноста или медиумите. страв од откривање на пропусти или негативни реакции.

И покрај постепената активност на судовите во одбрана на правото на слободен пристап, нивниот ефект е ограничен. Управните постапки се долги и ја обезвреднуваат релевантноста на бараните информации. Дополнително, судската пракса е нееднаква, а извршноста на судските одлуки често е слаба, што ги обесхрабрува граѓаните и новинарите.

Анализата нуди препораки за надминување на овој системски проблем:

Воведување построги законски санкции за молк на администрацијата и задолжително писмено образложение за одбивање на барањето за пристап до информациите.

Одговорност и санкции за службените и одговорните лица кои не постапуваат по барањата.

Развој на дигитални платформи за електронско поднесување и следење на барањата, со автоматско известување на надзорните тела за текот на постапката.

Обуки и едукација на административниот кадар за важноста на транспарентноста и правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер.

Регионална соработка за мониторинг и заеднички индикатори за ефикасност на ЗСПИЈК.

Поголема примена на отворените податоци (Open Data) како клучна потреба на бизнис секторот, граѓанските организации и медиумите.

Доколку молкот на администрацијата продолжи, се губи довербата на граѓаните, се одвраќаат медиумите и истражувачите, а демократскиот капацитет на општествата останува слаб. Постои ризик, во земјите на Западен Балкан формалната транспарентност да служи како параван за институционална затвореност.

Анализата заклучува дека слободниот пристап до информации од јавен карактер е повеќе од административна постапка – тоа е прашање за владеење на правото, градење на довербата и интегритетот на институциите. За вистински напредок, неопходен е премин од декларативна кон суштинска транспарентност, со вклученост на сите релевантни чинители.

Анализата можете да ја најдете на следниот линк:

Слободниот пристап до информации од јавен карактер во земјите на Западен Балкан: Mолкот на администрацијата како системска пречка за транспарентноста

Accessibility Toolbar