ИЗВЕШТАЈ ОД МОНИТОРИНГ НА ВЕБ СТРАНИТЕ НА ВЛАДАТА НА РСМ, МИНИСТЕРСТВАТА И ОРГАНИТЕ ВО СОСТАВ ЗА 2023 ГОДИНА

20.12.2023

 

Агенцијата, согласно своите надлежности, но и како додадена вредност на слободниот пристап до информации од јавен карактер во однос на проактивното објавување на информациите согласно член 10 од Законот за СПИЈК спроведе мониторинг на 51 имател, односно на веб страниците на имателите на Владата на РСМ, министерствата и органите во состав, опфатени со Стратегијата за транспарентност на Владата (2019-2022), како дел од имателите објавени на Листата на иматели на информации на веб страната на Агенцијата. Мониторингот беше спроведен во периодот од 14 ноември до 14 декември 2023 година.

Според резултатите од мониторингот, проактивно транспарентни се: Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство и Министерството за одбрана со 49 бодови, а по нив следуваат Министерството за финасии и Царинската управа со 47 бодови. Треба да потенцираме дека веб страните на најдобро рангираните институции имаат лесен и пристапен начин на достапност на информациите од јавен карактер од интерес на барателите и ги поттикнуваме да ја следат и надоградуваат проактивната транспарентност, како и отчетноста во својата работа пред граѓаните.

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство втора година по ред покажува најдобра проактивна транспарентност во однос на членот 10 од Законот за СПИЈК, заедно со Министерството за одбрана, кое има континуитет во својата транспрентност и отвореност кон барателите на информации.

Најслаба транспарентност покажа Геолошкиот завод на РСМ со само 11 бодови, а пред него се: Бирото за метрологија со 12 бодови, Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците со 13 бодови и Државниот инспекторат за транспорт со 13,5 бодови. Овие  иматели треба да ги прилагодат своите веб страници за крајните корисници, односно граѓаните, од причини што на нивните веб страни тешко или пак воопшто не може да се добијат информации за нивната работа и нивното функионирање, што е основната цел на проактивната транспарентост.

Нивото на транспарентност и отчетност во работењето на Владата на РСМ, министерствата и органите во состав имаат зголемен тренд на проактивно објавување на информациите од јавен карактер и нивната транспарентност оваа година е оценета како многу добра. Од мониторираните институции најголем дел се со многу добра транспарентност и Агенцијата на имателите им препорачува и во иднина доследно да ги почитуваат стандардите за транспарентност и отчетност, од причини што само на тој начин институциите и нивната работа ќе бидат повеќе достапни до крајните корисници, барателите на информации од јавен карактер, односно граѓаните.

Извештајот од мониторингот можете да го симнете на следниот линк:

Извештај од мониторинг на Владата на РСМ, министерствата и органите во состав за 2023 година

Accessibility Toolbar