ЕВРОПСКИ ИСКУСТВА И ИНСТИТУЦИОНАЛНА СОРАБОТКА ВО УНАПРЕДУВАЊЕТО НА ПРАВОТО НА СЛОБОДЕН ПРИСТАП ДО ИНФОРМАЦИИ (ПРВ ДЕЛ)
Во периодот од 5 до 9 октомври 2026 година, делегација на Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер, предводена од директорот Петар Гајдов, реализираше студиска посета на Сојузна Република Германија, во рамките на Твининг лајт проектот „Поддршка на слободниот пристап до информации“, финансиран од Европската Унија, a во соработка со германската Фондација за меѓународна правна соработка (IRZ).
Студиската посета на Ерфурт и Берлин беше посветена на размената на институционални искуства, анализата на европските практики и јакнењето на капацитетите за доследно и ефикасно остварување на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер.
Во рамките на програмата беа реализирани работни средби со надлежните германски институции на покраинско и сојузно ниво, посета на Парламентот на Турингија и професионална размена со претставници на граѓанскиот сектор.
Во фокусот на разговорите беа правните и институционалните механизми за обезбедување пристап до информации, надзорните и советодавните надлежности на независните институции, ефикасноста на административните постапки, како и методологиите за следење и оценување на институционалната транспарентност.
Посебно значење имаше компаративното разгледување на германските и македонските законски решенија и институционални практики, со акцент на идентификувањето применливи модели за унапредување на постапувањето по барањата за информации, зајакнување на институционалната отчетност и подобрување на механизмите за заштита на правото на граѓаните да бидат информирани.
Студиската посета претставува значаен придонес кон професионалното усовршување, продлабочувањето на билатералната институционална соработка и понатамошниот развој на капацитетите на Агенцијата, во согласност со европските принципи на транспарентност, отчетност и добро управување.
Ефикасното остварување на правото на информации е суштински предуслов за институционална одговорност, демократска контрола и зајакнување на довербата на јавноста во институциите.