ДРЖАВНИТЕ ИНСТИТУЦИИ СО ВИСОКО НИВО НА ТРАНСПАРЕНТНОСТ ВО 2025

11.12.2025

 

Годишниот мониторинг за проактивната транспарентност на органите на државната управа за 2025 година, покажува значајно подобрување во објавувањето на информации од јавен карактер, согласно членот 10 од Законот за СПИЈК. Според анализата, институциите бележат високо ниво на активна транспарентност, со просечни 37 од можни 51 бод, што претставува исполнетост од 72,5%.

Мониторингот опфати 99 институции – Владата, министерствата, органите во состав, агенциите, дирекциите, фондовите и регулаторните тела – со цел да се утврди дали редовно, навремено и структурирано ги објавуваат законски задолжителните информации на своите веб-страници.

На листата најтранспарентни институции за 2025 година се наоѓаат:

  • Државен завод за ревизија (51 бод)
  • Фонд за здравствено осигурување на РСМ (51 бод)
  • Државна комисија за спречување на корупцијата – ДКСК (50,5 бодови)
  • Агенција за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување – МАПАС (50 бодови)
  • Министерство за одбрана (50 бодови)

Особено внимание привлекува драматичниот напредок на Фондот за здравствено осигурување, кој за една година го подобри резултатот за 108%, скокајќи од 26,5 на максимални 51 бод. Ова подобрување се должи на самоиницијативноста на Фондот за здравствено осигурување и соработката со Агенцијата за уредување на веб-страницата, согласно членот 10 од Законот.

Како институции со најниско ниво на објавување информации повторно се издвоени:

  • Агенција за филм (15 поени)
  • Биро за метрологија (16 поени)
  • Дирекција за технолошко-индустриски развојни зони – ТИРЗ (17 поени)
  • Управа за хидрометеоролошки работи (17,5 поени)
  • Републички совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (17,5 поени)

Овие институции неколку години по ред имаат ниско ниво на проактивна транспарентност и Агенцијата ги идентификува како приоритетни за нивна поддршка во 2026 година.

И покрај позитивните резултати, мониторингот откри и сериозни системски недостатоци:

  • Само 63 од 99 институции имаат јасно поставен линк „Информации од јавен карактер“ на почетната страница.
  • 33 институции ги поместуваат овие информации во линкови, како „Контакт“, „Информации“ или „Односи со јавноста“, што го усложнува пристапот до информациите за граѓаните.
  • Голем број институции сè уште објавуваат образец за барање за слободен пристап според законот од 2006 година, кој одамна не е во сила.
  • 41 институција не објавува појаснување за тоа како граѓаните може да поднесат барање за пристап до информации.
  • Само 57 институции го имаат објавено буџетот за 2025;
  • Квартални финансиски извештаи објавуваат само 25 институции – што е значително пониско од очекуваното;
  • Агенцијата препорачува буџетите да се објавуваат во отворен формат (Excel), но најголемиот дел и понатаму ги поставуваат само во PDF формат.
  • 66 институции објавиле годишен план за јавни набавки, но 30 институции воопшто немаат објавено ваков план.
  • 52 институции имаат објавено интерна процедура за јавни набавки, иако сите имаат законска обврска.

Слаб напредок е забележан и во спроведувањето на Заклучоците од 101-та седница на Владата (19 август 2025 година), а податоците се однесуваат на институциите кои се опфатени со Стратегијата за транспарентност (2023-2026):

  • Само 20 институции објавиле анонимизирани барања и одговори за слободен пристап.
  • Само 8 институции усвоиле интерни процедури за постапување по барања.
  • Само 3 институции објавиле интерна процедура за проактивно објавување информации.
  • 21 институција го испочитувале задолжувањето за објавување на процедури за јавни набавки.

Овие резултати, според Агенцијата, покажуваат дека дел од институциите не го сфаќаат значењето на активната транспарентност како законска и демократска обврска.

Агенцијата во Извештајот препорачува:

  • унифициран, јасно видлив банер „Информации од јавен карактер“ на секоја веб-страница;
  • редовно ажурирање на документите, вклучително и годишните, кварталните финансиски податоци;
  • објавување на буџетите во отворен формат;
  • објавување на сите документи согласно член 10 од Законот за СПИЈК;
  • обука за службените лица во институциите.

Информирани граѓани – задоволни граѓани“ останува мотото на Агенцијата, која и во иднина, како и досега, ќе продолжи со интензивни активности за унапредување на транспарентноста на институциите и олеснување на пристапот до информации од јавен карактер за граѓаните.

Извештајот можете да го најдете на следниот линк:

Извештај од мониторинг на државни институции за 2025

Accessibility Toolbar