ОБУКА ЗА ПРИСТАП ДО ИНФОРМАЦИИ ОД ЈАВЕН КАРАКТЕР: „ЕВРОПСКИ СТАНДАРДИ И НАЦИОНАЛНА ПРИМЕНА“

29.09.2025

Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер во соработка со Програмската канцеларија на Советот на Европа, се одржа обука на тема: „Пристап до информации од јавен карактер: Европски стандарди и национална примена“. На овој начин, Агенцијата го одбележува 28-ми Септември  – Меѓународниот ден за универзален пристап до информации.

Настанот се реализираше во рамките на проектот „Заштита на слободата на изразување и на слободата на медиумите во Северна Македонија (ПРО-ФРЕКС)“, кој е дел од заедничката програма на Европската унија и Советот на Европа „Horizontal Facility за Западен Балкан и Турција 2023-2026“.

Свои поздравни обраќања имаа Пламенка Бојчева, директорка на Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер  и Олег Солдатов, раководител на програмската канцеларија на Советот на Европа во Скопје.

Обуката беше наменета за службените лица од министерствата и Владата на Република Северна Македонија, со цел да се зајакне нивното знаење за меѓународната правна рамка и домашното законодавство што го регулира правото на пристап до информации. Преку динамична и интерактивна програма, учесниците имаа можност да го продлабочат своето знаење за европските стандарди за пристап до информации, вклучувајќи ја Тромсо Конвенцијата, Архуската Конвенција и членот 10 од Европската конвенција за човекови права, како и релевантната судска пракса на Европскиот суд за човекови права.

Специјален фокус беше ставен на теми како што се: примената на домашната правна рамка во контекст на меѓународните стандарди, ограничувањата на правото на пристапдо информации и тестот на јавен интерес, справување со злоупотреби на правото на информации и улогата на надзорните институции. Обуката беше водена од експертите Герман Филков и Тетијана Олексијук, консултанти на Советот на Европа.

Oбуката придонесе кон унапредување на транспарентноста, отчетноста и доброто управување во Северна Македонија, поттикнувајќи поефикасна примена на правото на пристап до информации и зајакната соработка меѓу институциите, медиумите и граѓанското општество.

Воедно, Агенцијата се приклучува на иницијативата на Меѓународната конференција на комесари за информации (ICIC) за одбележување на Меѓународниот ден за универзален пристап до информации, за унапредување на правото на пристап до информации, како и за споделување на  знаењето со подигнување на глобалната свест за овогодишната тема: „Обезбедување пристап до информации за животната средина во дигиталната ера“. Агенцијата, подготви анализа на темата и истата ќе биде споделена во Специјалниот билтен на ICIC 2025 година.

Анализата можете да ја најдете на следниот линк:

Слободниот пристап до информации и заштита на животната средина во дигиталната ера: искуството на Северна Македонија

 

Accessibility Toolbar