МЕЃУНАРОДЕН ДЕН ЗА УНИВЕРЗАЛЕН ПРИСТАП ДО ИНФОРМАЦИИ

27.09.2024

Пред 22 години, на 28 септември 2002 година претставници на невладини организации од целиот свет, меѓу кои и од Македонија, лобисти и бранители на идејата за слобода во информирањето, на состанок во Софија, Бугарија, формираа Мрежа на бранители на слободата во информирањето. На оваа средба присутните се договорија да соработуваат во промоција на правото на пристап до информации и транспарентно управување. Денес овој ден е признат од УНЕСКО и ООН како Меѓународен ден за Универзален пристап до информации, под мотото „Имам право да знам“.

Оттука, по повод 28 септември — Меѓународниот ден за универзален пристап до информации, Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер, во соработка со Меѓународен републикански институт (ИРИ), организираше промоција на новиот Водич за активна транспарентност на политичките партии во Република Северна Македонија.

Пред присутните претставници од политичките партии, односно службените лица за посредување до информациите од јавен карактер, со свои воведни обраќања се обратија Пламенка Бојчева, директорка на Агенцијата и Илина Мангова, регионална советничка за Европа од Меѓународниот републикански институт (ИРИ), а за Водичот говореше авторот м-р Константин Битраков, асистент на Катедра по административно право и јавна администрација при Правниот факултет „Јустинијан Први“.

Целта на Водичот за активна транспарентност е да им помогне на политичките партии како иматели на информации да ја унапредат нивната транспарентност и да ги поттикне да објавуваат што повеќе информации од интерес за граѓаните, а кои даваат целосна слика за нивното делување и цели.

Публикацијата исто така опфаќа и компаративна анализа на позитивните пракси и начинот на којшто политичките партии во Германија и Естонија објавуваат информации за своето работење и финансии.

Accessibility Toolbar