УЧЕСТВО НА ШЕСТИОТ СОСТАНОК НА ИНИЦИЈАТИВАТА 2020 ВО ПРИЗРЕН, КОСОВО

17.10.2025

Членките на Иницијативата 2020 — Словенија, Северна Македонија, Хрватска, Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина  — го одржаа  шестиот состанок во Призрен, Косово, од 13 до 15 октомври 2025 година, со цел да ги разменат искуствата и да дискутираат за тековниот развој и предизвици во областа на правото на пристап до информации.

Состанокот беше фокусиран на функционирањето на административните постапки и спорови, при што беше истакната сè поголемата загриженост за молкот на управата и потребата од зајакнување на проактивната транспарентност, механизмите за следење и спроведување. Членките на Иницијативата ја препознаа важноста од обезбедување соодветни финансиски и човечки ресурси за целосно исполнување на нивните надлежности и ефективна поддршка на сѐ поголемиот обем на нивниот мандат.

Членките на Иницијативата 2020 изразија загриженост поради неодамнешните случувања што влијаат врз функционирањето на националните институции кои се единствено надлежни да го заштитуваат ова основно човеково право и се грижат за негово остварување, а особено за можноста за разрешување на управното тело на институциите, без законска основа и/или воспоставување нефункционална структура на истите, што сериозно може да ја загрози нивната независност.

Дискусиите исто така се осврнаа на усогласувањето на националните рамки со европските и меѓународните стандарди, вклучувајќи ги принципите на Конвенцијата на Советот на Европа за пристап до официјални документи (Тромсо конвенција), како и на влијанието на дигиталната трансформација и новите технологии. Највисоките претставниците на националните иституции истакнаа дека технолошкиот развој создава нови можности за отвореност и ефикасност, но мора еднакво да го почитува и основното право на пристап до информации.

Оваа година на состанокот како гостин присуствуваше и Комесарот за право на информации и заштита на лични податоци на Албанија, во својство на претседател на Меѓународната конференција на комесари за информации (ICIC), кој повика на регионална соработка и заеднички иницијативи за унапредување на транспарентноста и зајакнување на културата на одговорност низ целиот регион.

Претставниците на Иницијатива 2020 ја потврдија својата заедничка посветеност на транспарентноста, одговорноста и независноста на одлучувањето како клучни елементи за обезбедување на правото на информации. Тие се согласија да продолжат соработката и професионалната размена во рамките на Иницијативата 2020 за понатамошно зајакнување на имплементацијата на пристапот до информации низ регионот.

Членките на Иницијативата 2020 ги повикуваат надлежните органи да обезбедат институционална, функционална, финансиска и секаква друга независност на регулаторните тела во согласност со европските стандарди во оваа област.

Следниот годишен состанок на Иницијативата во 2026 година ќе се одржи во  Република Словенија.

Accessibility Toolbar