УЧЕСТВО НА ПЕТТАТА СЕСИЈА НА ИНИЦИЈАТИВА 2020

04.10.2024

Од 1-ви до 3-ти  октомври 2024 година, во Суто Море (Црна Гора) се одржа петтиот по ред состанок на земјите учеснички на Иницијатива 2020, на која присуствуваше и делегација од Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер.

Носечки теми на средбата беа „Афирмацијата на правото на слободен пристап до информацииите во кои преовладува јавниот интерес“, како и „Влијанието на меѓународните стандарди и меѓународната пракса врз одлуките на независните институции“.

Во експертската дебата за невралгичните прашања и предизвици од примената на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер,  со теми кои произлегуваат од индивидуалното искуство и работа на земјите од кои доаѓаат, со свои излагања се обратија претставниците на Словенија, Хрватска, Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Косово и на домаќинот – Црна Гора.

Во име на Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер се обрати Цветан Станоески, кој говореше на тема „Непостапуваење по одлуките на Агенцијата“, а посебен осврт направи и на „актуелноста на постапувањето по барања од личен карактер/интерес“.

Членовите на Иницијатива 2020, на петтиот редовен годишен состанок усвоија  заклучоци, кои пред се се однесуваа на предизвикувачката тема – молкот на властите и злоупотребата на правото на пристап до информации, како и потврдените пресуди на домашните управни и врховните судови, новите стандарди во областа на правото на слободен пристап до информациите, како во управните постапки, така и во споровите, како и во делот на проактивно објавување на информации. Во заклучоците се прецизира дека :- Слободниот пристап до информации е основата на демократскиот живот, кој ја афирмира отвореноста на јавната администрација и во тој дух овој правен институт континуирано систематски да се подобрува како инструмент и механизам за демократизација на општеството; – Неопходноста од дефинирање на институтот злоупотреба на правото на слободен пристап до информации и – Преземање административни мерки и дејствија, со цел поголема проактивност при објавување на информации од јавен карактер.

Следниот состанок на Иницијативата 2020 ќе се одржи во Призрен (Косово).

Accessibility Toolbar