УСПЕШНО РЕАЛИЗИРАНА ВТОРАТА РАБОТИЛНИЦА ВО СОРАБОТКА СО НДИ

Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер во соработка со Националниот демократски институт, ја одржа втората работилница за слободен пристап до информации од јавен карактер. Работилницата е дел од проектот „Заедници со интегритет“финансиран од владите на Швајцарија и Шведска, а имплементиран од Националниот демократски институт (НДИ).
Тема на работилницата беше „Од обврска до акција: Изработка на ефективни интерни процедури за транспарентност на општинско ниво“.
Работилницата беше посветена на поддршка на службените лица, како и на вработените од повеќе сектори во општините Битола, Гази Баба, Штип, Боговиње и Куманово, кои се дел од проектот, во развивањето и унапредувањето на интерните процедури за постапување по барањата за информации од јавен карактер, како и за проактивната транспарентност. Интерните процедури ќе придонесат за навремено и ефикасно постапување по поднесените барања за слободен пристап, како и за објавувањето на информациите од јавен карактер на нивните веб страници.
Преку воведни обраќања и интерактивни сесии, претставниците од Агенцијата ги претставија законските обврски, клучните чекори и практични насоки за изработка на интерните процедури. Учесниците работеа во групи на мапирање на постоечките практики, идентификување на слабостите и предизвиците, како и на подготовка на нови внатрешни процедури за постапување по барањата, но и за проактивната транспарентност.
Работилницата заврши со презентација на сработеното од работните групи и со дискусија за следните чекори кон воспоставување на систематски и транспарентни процеси на општинско ниво. Како заклучок од работилницата, произлезе, дека систематското воведување на интерните процедури е клучно за зајакнување на институционалната култура на отвореност, како и за олеснување на пристапот до информации за граѓаните.