ТРАНСПАРЕНТНОСТА КАКО ОСНОВА ЗА ДОБРО ВЛАДЕЕЊЕ: ПРЕТСТАВЕН РЕГИОНАЛНИОТ ИЗВЕШТАЈ ЗА 2024 ГОДИНА НА БАЛКАНСКАТА ИСТРАЖУВАЧКА РЕПОРТЕРСКА МРЕЖА (BIRN)

30.06.2025

 

Во организација на Балканската истражувачка репортерска мрежа (BIRN), на 30 јуни 2025 година се одржа онлајн настанот „Состојбата со слободниот пристап до информации во Западен Балкан – Преглед за 2024 година“,. Настанот беше поддржан од Австриската развојна агенција, а на истиот свое учество зема и директорката на Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер, Пламенка Бојчева. Свои искуства споделија и разменија истражувачките новинари, кои ова право го користат во својата работа, како и претставници на сродните институции од сите шест земји од регионот кои се дел од оваа мрежа. Беа споделени практични искуства во врска со жалбената постапка, надзорните механизми и имплементацијата на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер.

Во фокусот беше годишниот извештај на БИРН за 2024 година, кој покажа дека и покрај постоењето на солидна законска рамка, молкот на администрацијата, како и игнорирањето на правото на јавноста да знае, остануваат сериозни пречки за ова основно демократско и уставно загарантирано право. Учесниците, по презентацијата на Извештајот, дискутираа за предизвиците и можностите за транспарентно управување во земјите од регионот. Во некои земји, како Босна и Херцеговина и Косово, секој трето барање останува без одговор, односно новинарите, се судруваат со молк на администрацијата . Од друга страна, Северна Македонија и Србија покажуваат напредок во одговорноста на институциите да постапуваат по поднесените барања во законски пропишаните рокови. Треба да истакнеме дека Северна Македонија втора година по ред во извештајот на БИРН, од земјите во регионот, покажува најдобри резултати во имплементацијата на слободниот пристап до информациите од јавен карактер.

Директорката на Агенцијата, Пламенка Бојчева во своето обраќање до присутните учесници, потенцираа дека:

  • Дигиталните алатки треба да се користат за поголема проактивна транспарентност на институциите;
  • Дека транспарентноста не е само законска обврска, туку и култура на управување и
  • Кога институциите се отворени – расте довербата, а се намалува ризикот од злоупотреби.

Пораката до граѓаните и институциите е јасна:

„Прашајте, информирајте се, барајте увид – тоа е патот до зрело, одговорно и доверливо владеење.“

Директорката Бојчева, своето обраќање го заврши со пораката:

„Транспарентноста не е само административна обврска – таа е одлука да се владее со граѓаните, а не над нив. Тоа е патот кон зрело, одговорно и доверливо владеење.“

Accessibility Toolbar