СТУДИСКА ПОСЕТА НА ТАЛИН, ЕСТОНИЈА, ВО РАМКИТЕ НА TWINNING LIGHT ПРОЕКТОТ
Во рамките на Twinning Light проектот „Поддршка на слободниот пристап до информации – Се издигнуваме заедно“, финансиран од Делегацијата на Европската Унија во Република Северна Македонија, се реализираше студиска посета на Талин, Естонија, на група вработени од Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер.
Првиот ден од посетата започна со официјална средба во Министерството за надворешни работи на Естонија, каде беа презентирани клучните активности на Владата на Естонија за унапредување и заштита на човековите права на глобално ниво, со посебен фокус на правото на пристап до информации. Домаќините ја истакнаа улогата на Естонија во основањето и функционирањето на Freedom Online Coalition, Global Majority Government и Open Government Partnership.

Во Брифинг-центарот на Е-Естонија делегацијата се запозна со развојот на дигиталната инфраструктура и трансформацијата што започнала во деведесеттите години и која ја доведе Естонија до денешна целосна дигитализација на општествените процеси во земјата. Центарот претставува иновативно место каде на посетителите им се демонстрира како дигиталните решенија може да го подобрат функционирањето на институциите и услугите за граѓаните.

Вториот ден продолжи со официјални посети на Управата за информациски системи на Естонија (RIA) и e-Governance Academy (eGA).
RIA. Управата за информациски системи на Естонија (RIA) е централна институција за одржување на дигиталната инфраструктура, која е одговорна за електронската лична идентификација, доверливите услуги, дигиталниот потпис, мобилните идентификациски решенија, безбедната размена на податоци и сајбер заштитата. Институцијата управува со платформата X-Road, која ги поврзува сите дигитални државни услуги.
eGA, како невладина и непрофитна организација, им помага на државите во развој во градењето на дигитални јавни администрации преку советување, обуки, развој на стратегии, законодавна поддршка и промоција на интероперабилни дигитални решенија.

Третиот ден од студиската посета, вработените од Агенцијата се запознаа со работата на Министерството за правда и дигитални прашања (JUSTDIGI), каде беше презентиран моделот на Естонија за обезбедување слободен пристап до јавни документи и напредните политики за отворени податоци. Министертвото ја демонстрира својата силна посветеност на отвореност, отчетност и граѓански ориентирани дигитални услуги, што претставува пример на меѓународно ниво.

Студиската посета заврши со средба во Инспекторатот за заштита на податоци (AKI), каде делегацијата се запозна со надзорните механизми за заштита на личните податоци и практиката на институцијата при обработка на случаи, давање насоки и унапредување на безбедната и законита обработка на податоците.

Естонија ја демонстрира својата постојана посветеност на заштита на приватноста и транспарентно управување, поставувајќи меѓународни стандарди од кои можат да се инспирираат сите држави.
