СПРОВЕДЕН МОНИТОРИНГ ЗА ПРОАКТИВНАТА ТРАНСПАРЕНТНОСТ НА ДРЖАВНИТЕ ИНСТИТУЦИИ ЗА 2024 ГОДИНА

21.01.2025

 

Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер, спроведе мониторинг на веб страните на државните институции за нивната проактивна транспарентност за 2024 година. Извештајот дава детална слика за нивото на проактивната транспарентност и ги идентификува предизвиците, но и добрите примери во објавувањето на информации од јавен карактер, согласно член 10 од Законoт за слободен пристап до информации од јавен карактер.

Мониторингот, кој опфати 113 државни институции, покажува дека 69% од информациите согласно членот 10 од ЗСПИЈК се објавени, што претставува средно ниво на транспарентност. Во извештајот се наведува дека:

  • 40 институции постигнале “многу добро” ниво на транспарентност (38,5 до 50 бодови)
  • 53 институции се оценети со “добро” ниво (25,5 до 38 бодови)
  • 19 институции покажуваат “просечно” ниво (13 до 25 бодови)
  • Ниту една институција не е оценета со “многу ниско” ниво на транспарентност
  • Веб страната на Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам не беше мониторирана од причина што истата во периодот предвиден за мониторинг не беше активна

Најдобра проактивна транспарентност за 2024 година имаат:

  1. Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство – 49 бодови.
  2. Агенција за храна и ветеринарство – 49 бодови.
  3. Министерство за одбрана – 49 бодови.
  4. Државна комисија за спречување на корупцијата – 48,5 бодови.
  5. Министерство за социјална политика, демографија и млади – 48 бодови.

Додека, најслаба проактивна транспарентност покажуваат:

  1. Управа за хидрометеоролошки работи – 14 бодови.
  2. Дирекција за технолошки индустриски развојни зони – 15,5 бодови.
  3. Комитет за истрага на воздухопловни несреќи и сериозни инциденти – 16,5 бодови.
  4. Регулаторна комисија за домување – 17 бодови.
  5. Бирото за метрологија – 17 бодови.

Мониторингот опфаќа четири главни категории на информации, преку кои се мониторира проактивната транспарентност:

  1. Пристап до информации:
  • 76 институции имаат објавено линк/банер Информации од јавен карактер, на своите почетни страници
  • Само 52 институции го имаат објавено појаснувањето на начинот на поднесување на барањето за пристап до информации (начин на поднесување на усно, писмено барање и по електронски пат)
  • 73 институции го имаат публикувано Образецот за барање за слободен пристап до информации од јавен карактер, а се уште има иматели кои ги имаат поместено обрасците кои се согласно Законот за СПИЈК од 2006 и неговите измени од 2010/15 година, што барателите ги насочуваат да бараат информации преку закон кој е вон сила.
  1. Организациска поставеност:
  • 101 институција ги објавила органограмите за внатрешна организација.
  • 88 институции ги имаат објавено правилници за систематизација на работните места, додека 29 институции ги немаат овие документи на своите веб-страници.
  1. Оперативни информации:
  • 72 институции објавиле стратегии за работа, но голем дел од нив не се ажурирани, односно истите се завршени и имплементирни.
  • 67 институции објавиле предлог-документи, програми и мислења.
  • Само 79 институции објавиле годишни извештаи за работата, додека останатите немаат вакви документи.
  1. Буџет, финансии и јавни набавки:
  • Само 52 институции го објавиле буџетот за 2024 година.
  • Кварталните финансиски извештаи за тековната година, ги објавиле само 14 институции.
  • Ревизорските извештаи се достапни на веб-страниците на 54 институции, додека 58 институции не ги публикувале овие клучни документи.

Извештајот дава јасни насоки за унапредување на транспарентноста:

  1. Стандарди за унифицирани веб-страници: Поставување унифициран и видлив банер со наслов „Информации од јавен карактер“ на почетните страници на сите институции.
  2. Објавување на информациите во отворени формати: Финансиските документи, како буџетите, да бидат достапни во Excel формат за олеснета анализа и употреба на истите.
  3. Континуирана едукација: Организирање редовни обуки за службените лица за примена на Законот за слободен пристап до информации.
  4. Поголема буџетска транспарентност: Институциите треба да објавуваат ажурирани информации за јавните набавки, завршните сметки и ревизорските извештаи.

Мониторингот за 2024 година потврдува дека транспарентноста на државните институции бележи умерен напредок, но истовремено укажува на значителни недостатоци. Иако, некои институции се истакнуваат како примери за добро имплементирање на проактивната транспарентност, други треба да вложат сериозни напори за да ги исполнат законските обврски.

Активната транспарентност останува суштински инструмент за зајакнување на довербата на граѓаните во институциите. Преку доследна примена на препораките, институциите можат да обезбедат поголема отвореност, ефикасност и отчетност, што е клучно за унапредување на демократските процеси и борбата против корупцијата.

„Информирани граѓани, задоволни граѓани“, тоа е максимата за транспарентна државна власт.

Извештајот од мониторингот можете да го симнете на следниот линк:

Извештај од мониторинг на државни институции за 2024 година

 

Accessibility Toolbar