РАБОТНА СРЕДБА СО ПРЕТСЕДАТЕЛКАТА НА ГРАЃАНСКАТА ОРГАНИЗАЦИЈА ИНКЛУЗИВА
Денеска, во просториите на Агенцијата, се одржа работен состанок со г-а Благица Димитровска, Претседателката на граѓанското здружение Инклузива, кое ги промовира правата на лицата со посебни потреби. При тоа, г-а Димитровска посочи дека веќе е остварен контакт со три пилот-општини (Прилеп, Гостивар и Дојран) за реализација на Проектот за инклузија во пристапот до јавните информации за лица со попреченост.
Главна цел на проектот е примена на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер во рамки на локалната самоуправа на инклузивен начин, достапен за лицата со попреченост, како и зголемување на капацитетите кај сите чинители за важноста од практикувањето и остварувањето на ова уставно загарантирано право преку едукација и информирање за придобивките од инклузивно-проактивната транспарентност.
Воедно, договорено е да се одржи обука за вработените во Агенцијата, со цел да се зајакнат вештините на вработените во АСПИ за инклузија на лицата со попреченост од аспект на остварувањето на правото на пристап до информациите од јавен карактер. Според планот, оваа обука треба да се реализира при крајот на месец ноември 2023 година.