ПАНЕЛ ДИСКУСИЈА ЗА СЛОБОДАТА НА ИНФОРМАЦИИ ВО ЗАПАДЕН БАЛКАН ВО 2022 ГОДИНА
На денешната регионална панел дискусија во организација на Балканската истражувачка мрежа (БИРН) „Слободата на информации во Западен Балкан во 2022 година“, беа разменети искуства од имплементација на слободниот пристап до информации од јавен карактер од страна на новинарите, граѓанските организации и институциите од Северна Македонија, Србија, Косово и Црна Гора, на која како панелист беше директорката на Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер, Пламенка Бојчева.
На панел дискусијата беше презентиран Извештајот „Слободен пристап до информациите во Западен Балкан во 2022 година: “Неодговорени барања” институционален мониторинг-Транспарентност и проактивност-Трета година“, кој го подготвија новинари на БИРН мрежата од Северна Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора и Србија. Од јануари до декември 2022 година, новинарите на БИРН поднеле 376 барања за информации од јавен карактер. Само 134 барања биле целосно одговорени, 15 биле делумно одговорени, а 14 барања биле одбиени. Повеќе од половина од барањата, 213, воопшто не биле одговорени („молк на администрацијата“) што е одраз на недоволната транспарентност на јавните институции и нивната проактивност.
На панелот за слободен пристап до информации, директорката Бојчева, истакна дека во Северна Македонија, главен проблем е молкот на администрацијата и тој претставува главен предизвик на Агенцијата, неговото надминување, во нејзината понатамошна работа.
„Кога барател ќе поднесе барање за пристап до информации од јавен карактер, институциите не одговараат во законски пропишаниот рок. Нашата цел е да го промениме ова со редовна обука за службените лица кои ги примаат барањата. Политичката волја игра многу важна улога. Она што ние како Агенција се обидуваме да го постигнеме, иако ни недостасуваат ресурси, е да го надминеме тоа со градење институционални стандарди“, истакна Бојчева.
Останатите панелисти истакнаа дека институциите претпочитаат да молчат или делумно да одговараат и не секогаш да даваат целосен пристап до бараните информации, особено на на барања поднесени од новинарите.
Вториот дел беше посветен на Партнерството за отворена власт, проблеми и перспективи, на кој панелистите истакнаа дека трите најважни предизвици со кои се соочуваат балканските земји се борбата против корупцијата, недостатокот на отворен граѓански простор и довербата во институциите. Беше истакнато дека овој процес не треба да зависи од личните заложби на ограничен број на луѓе како во институциите така и од претставниците на граѓанскиот сектор, ниту од политичката волја на властите.