ОДРЖАН ПЕТТИОТ СОСТАНОК НА ТЕЛОТО ЗА КОНСУЛТАЦИЈА НА СТРАНИТЕ НА ТРОМСО КОНВЕНЦИЈАТА ПРИ СОВЕТОТ НА ЕВРОПА

Конвенцијата на Советот на Европа за пристап до официјални документи (Тромсо Конвенција) е првиот обврзувачки меѓународен правен инструмент кој го признава правото на пристап до официјалните документи што ги поседуваат јавните органи на секое правно и физичко лице, без дискриминација и без оглед на статусот или мотивите на барателот при неговото барање за пристап до информации од јавен карактер.
Согласно член 12 од Конвенцијата, во телото за Консултација на страните на Тромсо Конвенцијата при Советот на Европа учествува по еден член од државите кои веќе ја ратификувале Конвенцијата.
Оваа година за прв пат од ратификувањето на Конвенцијата, Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер го доби правото да номинира член – експерт во телото за Консултација на страните.
Ова советодавно тело има улога да дава предлози и мислења на Групата на специјалисти за слободен пристап до информации на Тромсо Конвенцијата при Советот на Европа, да дава препораки до државите кои ја ратификувале конвенцијата и да ги разгледува доставените извештаи од нивна страна, да дава предлози за измени на Конвенцијата од член 19 и да ги избира членовите на Групата на специјалисти за пристап до информации на Тромсо Конвенцијата при Советот на Европа.
Генералниот секретар на Агенцијата, Тања Ковачев, како член на телото за Консултацијата на страните присуствуваше на 5-от состанок кој се одржа од 1 до 2 октомври 2025 година во Советот на Европа во Стразбур, Франција.
На овој состанок беа избрани 12 членови на Групата специјалисти за пристап до информации и се усвоија заклучоци и препораките во однос на Албанија, Ерменија и Словенија.