ИЗВЕШТАЈ ЗА МОНИТОРИНГ НА ОПШТИНИТЕ И ЦЕНТРИТЕ ЗА РАЗВОЈ НА ПЛАНСКИ РЕГИОНИ ЗА 2024
Агенцијата, согласно своите надлежности, но и како додадена вредност на слободниот пристап до информации од јавен карактер во однос на проактивното објавување на информациите согласно член 10 од Законот за СПИЈК спроведе мониторинг на 90 иматели, односно на веб страниците на имателите од Единиците на локалната самоуправа, Заедницата на единиците на локалната самоуправа на РСМ и Центрите за развој на плански региони објавени на Листата на иматели на информации на веб страната на Агенцијата. Мониторингот беше спроведен во периодот од 2 септември до 15 октомври 2024 година.
Проактивно објавените информации на имателите треба да бидат лесно достапни и разбирливи, да можат да се употребат, да бидат релевантни за граѓаните и истите редовно да се ажурираат. Информацијата е предуслов за одговорна власт и основа за демократските процеси-информациите за работата на имателите им овозможуваат на граѓаните адекватно да донесуваат заклучоци и да партиципираат во носењето на одлуки за прашања кои се од нивен интерес. Транспарентноста и пристапот до информациите од јавен карактер се неделиви инструменти во борба против корупцијата.
Од мониторираните 81 единици на локалната самоуправа како иматели на информации, според методологијата за мониторирање, 27 иматели се со високо ниво на транспарентност, 35 иматели се со средно ниво на транспарентност, а 19 се со ниско ниво на транспарентност. Забележително е оваа година дека ниту еден имател не е во категоријата со многу ниско ниво на транспарентност, а зголемен е бројот на иматели со високо и средно ниво на транспарентност, што покажува дека имателите се трудат и даваат придонес за имплементирање на проактивната транспарентност во својата работа. Мониторираните иматели имаат средна вредност на проактивната транспарентност, односно 64,4%, со тенденција за висока транспарентност на имателите, доколку продолжи овој тренд на објавување на информациите на своите веб страници.
Според резултатите од мониторингот, најтранспарентни се Општините Валандово и Демир Хисар со 64 бода, а по нив следат четирите општини: Пробиштип, Крива Палaнка, Берово и Битола, со 60 бодови. 58, 57.5 и 57 бодови.
Генерално, 13.58% ја подобриле својата транспарентност во висока, 14.81% ја подобриле кај средното ниво и 6.17% ја подобриле кај ниското ниво на активна транспарентност.
Мониторингот на веб страниците на Општините и Центрите за развој на планските региони покажа дека како иматели на информации од јавен карактер истите треба да ја подобруваат и зајакнуваат што повеќе својата проактивност кон граѓаните и информациите кои ги публикуваат да ги поставуваат во посебен банер/линк под наслов ЛИСТА НА ИНФОРМАЦИИ/СЛОБОДЕН ПРИСТАП ДО ИНФОРМАЦИИ, со што истите ќе бидат достапни до барателите и на тој начин ќе го намалат бројот на барања по слободен пристап до информациите од јавен карактер.
Извештајот од мониторингот можете да го симнете на следниот линк:
Извештај за мониторинг на општините и центрите за развој на плански региони за 2024