ЗАЕДНИЧКА ДЕКЛАРАЦИЈА НА ИНСТИТУЦИИТЕ ЗА ПРИСТАП ДО ИНФОРМАЦИИ ОД ЈАВЕН КАРАКТЕР НА ИНИЦИЈАТИВАТА 2020

21.10.2026

Членките на Иницијативата 2020 — Босна и Херцеговина, Хрватска, Косово, Црна Гора, Северна Македонија, Словенија и Србија — се собраа на својот 7. годишен состанок на високо ниво, чиј домаќин беше Комесарот за информации во Копер, Словенија, од 19 до 21 октомври 2026 година. Тие разменија искуства и дискутираа за тековните случувања и предизвици во областа на пристапот до информации од јавен карактер.

На состанокот на високо ниво, членките ги презентираа и дискутираа тековните предизвици. Особено се потенцираа предизвиците поврзани со управувањето со информациите во дигиталното општество, со пристапот до архивските записи, во однос на технолошкиот развој и сè поголемата употреба на алатки за вештачка интелигенција, кои исто така се користат за креирање барања и жалби во врска со пристапот до информации од јавен карактер.

Членките се согласија дека правото на пристап до информации од јавен карактер продолжува да претставува важна гаранција за транспарентноста и отчетноста, овозможувајќи им на поединците, медиумите и граѓанското општество да добиваат веродостојни информации. Во контекст на брзиот развој на современите технологии, посебно внимание треба да се посвети на обезбедувањето транспарентност при употребата на вештачката интелигенција. Ова ги вклучува информациите во врска со импликациите врз основните човекови права и слободи и животната средина.

Посебно внимание беше посветено на зголемениот број жалби, а особено на растечкиот број случаи на молк на администрацијата, прашање кое членките веќе го покренаа на претходните состаноци. Членките се согласија дека јавните органи мора да изградат капацитети за да можат да одговорат на побрзото темпо на комуникација и на променливите начини на водење на управните постапки. Истовремено, имајќи ги предвид специфичните правни и институционални рамки на секоја членка, законските одредби треба, каде што е потребно, да се преиспитаат и приспособат како одговор на технолошкиот развој.

Во овој контекст, треба да се преземат напори за модернизирање и поедноставување на управните постапки со кои се уредува остварувањето на правото на пристап до информации. Таквите мерки треба да имаат за цел да обезбедат ефективни и достапни правни средства за заштита на правото на пристап до информации. Целта е да се обезбеди брзо, ефикасно и навремено постапување по барањата за пристап до информации, со што ќе се овозможи ефективно остварување на основното човеково право на пристап до информации во практиката, во согласност со важечките меѓународни стандарди.

Дел од членките на Иницијативата 2020 го насочија вниманието кон зголемениот број неосновани и злонамерни барања. Тие презентираа случаи во кои остварувањето на правото на пристап до информации од јавен карактер не соодветствува со целта и задачите што ова право ги исполнува. Членките се согласија дека начелото на совесно и правично остварување на правата претставува едно од основните начела применливи во постапките што се однесуваат на пристапот до информации од јавен карактер. Постапувањето на барателите кое е штетно за правата и интересите на трети лица или за јавниот интерес не треба да ужива правна заштита.

Органите повторно ја потврдија својата заедничка посветеност на транспарентноста, отчетноста и независното одлучување како клучни елементи во обезбедувањето ефективно остварување на правото на пристап до информации. Тие се согласија да ја продолжат својата соработка и професионална размена во рамките на Иницијативата 2020, со цел понатамошно зајакнување на ефективното остварување и заштита на правото на пристап до информации во регионот.

Следниот годишен состанок на Иницијативата 2020 во 2027 година ќе биде организиран во Република Северна Македонија од страна на Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер.

 

 

Accessibility Toolbar