ЖЕНИТЕ ДОМИНИРААТ МЕЃУ СЛУЖБЕНИТЕ ЛИЦА ЗА ПРИСТАП ДО ИНФОРМАЦИИ – ПОКАЖУВА АНАЛИЗАТА НА АГЕНЦИЈАТА

03.11.2025

 

Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер ја објави Анализата за родовата застапеност кај имателите на информации, која покажува дека жените доминираат во најголемиот дел од институциите кои посредуваат во остварувањето на правото на пристап до информации.

Според анализата, од вкупно 1.776 службени лица, 1.175 се жени (66%), а 601 се мажи (34%). Највисока застапеност на жени е забележана во органите на државната управа (73%), образовните институции (71%) и здравствените установи (68%), додека политичките партии претставуваат единствена категорија со доминација на мажи (74%).

Агенцијата нагласува дека овие податоци се показател не само за родовата распределба во јавната администрација, туку и за пошироките институционални трендови поврзани со вклучувањето на жените во процесите на транспарентност и отчетност.

„Жените се клучни двигатели во примената на правото на слободен пристап до информации, но сè уште е потребно нивно поголемо учество во одлучувачките процеси и раководните позиции,“ се наведува во анализата.

Истражувањето ја опфаќа и родовата структура на учесниците во обуките организирани од Агенцијата. Во текот на 2024 година, жените сочинувале 87% од учесниците, а мажите 13%, додека во првата половина на 2025 година се забележува порамномерна распределба – 68% жени и 32% мажи.

Во документот се издвоени и препораки за унапредување на родовата еднаквост, меѓу кои:

  • развивање интегрирани родови политики во јавниот сектор,
  • поттикнување на женското учество во процесите на одлучување,
  • подобрување на родовиот баланс во секторите со доминација на мажи,
  • и промовирање на добри практики од секторите со изразена инклузивност.

Агенцијата потенцира дека родовата застапеност кај имателите на информации е важен индикатор за институционалната култура и степенот на демократски капацитети, а родовата рамнотежа е предуслов за зголемена доверба на граѓаните и ефективна транспарентност на јавните институции.

Анализата можете да ја најдете на следниот линк:

Анализа на родовата застапеност кај имателите на информации од јавен карактер

Accessibility Toolbar