БОЈЧЕВА: ГРАЃАНИТЕ МОЖЕ ДА ПОДНЕСАТ УСНО БАРАЊЕ ДО ИНСТИТУЦИИТЕ ЗА ДА ДОБИЈАТ ИНФОРМАЦИЈА ОД ЈАВЕН КАРАКТЕР

09.05.2023

 

„Институционална препознатливост на Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер претставува заштитник на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер. Основна определба според која се однесува Агенцијата во односите со граѓаните и медиумите е континуирано спроведување, промоција и заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер во насока на зголемување на транспарентноста и отчетноста на институциите и олеснување на пристапот до информациите од јавен карактер“, потенцираше во гостување во емисијата Утрински печат на Слободна ТВ, директорката на Агенцијата, Пламенка Бојчева.

„Слободниот пристап до информации од јавен карактер е едно од основните човекови права загарантирано со повеќе меѓународни документи, како и со Уставот на Република Северна Македонија. Агенцијата има основна надлежност – постапување по жалби од граѓани и правни лица. Во изминатиот период, односно во 2022 година во Извештајот што го поднесовме до 31 март оваа година е забележано значително намалување на бројот на поднесени жалби до Агенцијата. Во 2022 година се поднесени 343 жалби што претставува значајна придобивка за работата на Агенцијата од аспект на извршените обуки, размената на информации со вработените од институциите што треба да достават информации од јавен карактер и од квалитетот во работата од надлежните вработени. Со други зборови до институциите се поднесени 7300 барања, а Агенцијата примила само 343 жалби против институциите од кои побарале информација.

Агенцијата води сметка за усогласување на правото на добивање информации од јавен карактер со правото на приватност за да не дојде примената на овие права во колизија и да биде направена штета.

„Секој може да поднесе Барање за пристап до информации од јавен карактер до имателите на информацијата и да побара информација за пример, трошење на буџетските средства, за прашања од животната средина и сл. Истовремено, ние знаеме дека правото на приватност е загарантирано со Устав и закон. Предвидени се 5 исклучоци во законот за слободен пристап во кои  влегува и заштитата на личен податок и откривањето би значело повреда на правото. За ова имателот на податоците треба да направи тест на штетност, а тоа значи дали јавниот интерес е поважен од приватниот интерес. Како Агенција имавме случај пред две години кога проценивме дека Владата треба да ги објави имињата на лицата што ги ангажирале под договор на дело или процената беше дека е поважен јавниот интерес“, изјави Бојчева.

Молчењето на институциите е вообичаена пракса која од година во година се менува како резултат на напорите на Агенцијата да им помогне на имателите на информациите да излезат во пресрет на барањата на подносителите.

„Молчење на управата значи кога институцијата ќе добие Барање за информации од јавен карактер и нема да постапи. Граѓанинот тогаш има право на жалба до Агенцијата и речиси ретко се случува да биде одбиена жалбата. Ако нема основ за прифаќање на жалбата, тогаш ја одбиваме и барателот има право да поднесе тужба пред Управен суд. Ние се залагаме за проактивна транспарентност на институциите што ги даваат информациите. Има одредена пракса и однесување кај помал број вработени од институциите што сметаат дека преголемата транспарентност не е добра. Законска основа за такво однесување нема, односно тоа е повеќе резултат на негово субјективно мислење и негови вредности дека наводно ја штити институцијата ако не ги сподели информациите“, потенцира Бојчева.

Агенцијата презема активности на планот на едукацијата на имателите на информации за правото на слободен пристап до информациите со кои тие располагаат и соработува со имателите на информации во однос на остварувањето на правото на пристап до информации.

„Агенцијата редовно реализира обуки за службените лица од органите и институциите што се иматели на информации преку дигитална платформа, бидејќи немаме доволно средства за директни контакти со голем број лица. Имаме пракса во соработка и со финансиска поддршка од граѓанските здруженија и межународната заедница во Република Северна Македонија за директни контакти на терен со граѓаните за да го доближиме колку што е можно добивањето на информации од јавен карактер. Ние имаме одлична комуникација и соработка со службените лица од многубројните институции-иматели на информации. Често се случува по доставување на жалбата до Агенцијата, која му ја проследуваме на имателот на информацијата, веднаш да постапи во интерес на подносителот на Барањето. Ние немаме надлежност според законот да водиме постапка против раководителите во институциите, односно водиме постапка само против службените лица. Како Агенција дојдовме до сознание дека службените лица не се тие што го ограничуваат давањето информации од јавен карактер,туку раководните лица“, истакна Бојчева.

Граѓаните може да се јават до Агенцијата за да добијат информација од надлежна институција.

„Усното барање за добивање информација не е доволно познато кај граѓаните / барателите на информации, ретко се користи од нив, а го имаат како можност да го користат. Поради тоа што ретко се користи службените лица немаат доволно искуство со овој начин и претежно го преферираат писменото поднесување на барање. Рокот е пократок кај усното барање и изнесува 5 дена за одговор, додека за писменото е 20 дена. Граѓанинот за 40 дена би добил одговор по жалба доколку го примени писмениот модел на поднесување барање. Овој рок за добивање на информацијата или завршувањето по жалба во земјите на ЕУ е 15 дена и треба да се стремиме да биде пократок“, потенцираше Бојчева.

Целото видео интервју на директорката Бојчева можете да го погледнете на следниот линк: https://www.youtube.com/watch?v=w1o1bY5ar5Q&t=20s

Accessibility Toolbar