АГЕНЦИЈАТА СТАНА ДЕЛ ОД НОВАТА ЕВРОПСКА МРЕЖА ЗА ТРАНСПАРЕНТНОСТ И ПРАВО НА ИНФОРМАЦИИ – ENTRI

На Меѓународната конференција на комесари за информации (ICIC 2025), одржана од 23 до 25 јуни 2025 година во Берлин, Сојузна Република Германија, официјално беше основана новата Европска мрежа за транспарентност и право на информации (ENTRI). Во наредниот тригодишен период, со мрежата ќе претседава Германскиот федерален комесар за заштита на податоци и слобода на информации (BfDI), а беше избран и извршен одбор и се усвои Повелбата на Европската мрежа за транспарентност и право на пристап до информации.
Во своето обраќање, домаќинот на конференцијата, проф. д-р Луиза Шпехт-Рименшнајдер, нагласи:
„ENTRI е силен глас за поголема транспарентност и слобода на информации во Европа. Заедно со нашите европски партнери воспоставивме мрежа за размена и соработка. Слободниот пристап до информации е темел на доброто владеење и демократијата.“
Во работата на конференцијата активно учествуваа и претставнички од Северна Македонија – Пламенка Бојчева, Директорка на Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер, и Тања Ковачев, државен советник во истата институција. Учеството на македонската делегација ја потврдува заложбата на државата за унапредување на транспарентноста и доследно почитување на правото на јавноста да има пристап до информации од јавен карактер. Преку своето активно учество, Северна Македонија станува дел од новата европска иницијатива која има за цел унапредување на регионалната и прекуграничната соработка, јакнење на транспарентноста и зацврстување на механизмите за отчетност на јавните институции.
Тридневниот настан обедини повеќе од 50 земји и над 100 претставници – комесари за информации, експерти од академската заедница, медиуми и граѓански организации. Учесниците разменуваа искуства и ставови за актуелни правни и практични прашања поврзани со слободата на информации. Посебен акцент годинава беше ставен на пристапот до информации за животната средина, како тема од особено значење во контекст на глобалните еколошки предизвици.
Првпат во рамките на ICIC, на иницијатива и со поддршка од BfDI, на невладини организации од целиот свет им беше овозможено да одржат сопствен паралелен настан, со што беше истакната клучната улога на граѓанското општество во промовирањето на транспарентноста и отчетноста на институциите.