МЕЃУНАРОДНА КОНФЕРЕНЦИЈА НА НАРОДНИТЕ ПРАВОБРАНИТЕЛИ И НАЦИОНАЛНИ ИНСТИТУЦИИ ЗА ЧОВЕКОВИ ПРАВА ЗА ЖИВОТНА СРЕДИНА

22.11.2024

На покана од канцеларијата на Програмата за развој на Обединетите нации – УНДП во Република Северна Македонија, Претставници на Агенцијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер учествуваа на дводневната Меѓународна конференција на народни правобранители и национални институции за човекови права и животна средина.

Еколошката правда беше во центарот на вниманието на конференцијата, а свои искуства и стратегии за заштита на човековите права во услови на загрозување на животната средина споделија претставници од регионот и Европа. Целта на конференцијата е зајакнување на напорите за еколошка правда кои почнаа со Љубљанската декларација од 2017 година и формирањето на Регионална мрежа на правобранители за животна средина и човекови права.

На конференцијата како панелист на темата: „Националните перспективи за заштита на животната средина и правдата во Северна Македонија“ учествуваше и директорката на Агенцијата, Пламенка Бојчева, која во своето обраќање истакна: „Заштитата и подобрувањето на животната средина е централно прашање кое влијае на благосостојбата на луѓето и на економскиот развој, тоа е желба и потреба на народите од целиот свет, и соодветно на тоа – е обврска на сите влади. Но за да го остварат ова право и да ја исполнат оваа должност, граѓаните мора да имаат пристап до информациите, да го имаат правото да учествуваат во донесувањето одлуки и да имаат пристап до правдата во врска со прашањата на заштитата на животната средина.

Во оваа смисла, надлежните органи во секоја држава се должни да овозможат јасен, јавно достапен и конзистентен склоп од законски уредени механизми кои ќе придонесат кон учество на јавноста во одлучувањето, квалитетот на одлуките кои се носат, нивната  имплементацијата и  воопшто за подигнувањето на јавната свест за аспектите на заштита на животната средина.

Остварувањето на правото на пристап до информации значи и овозможување на остварувањето на другите човекови права, а посебно за остварување на правото на здрава животна средина и за остварување на должноста на секој да ја унапредува и штити животната средина и природата. Развојот на техниката и технологијата овозможува овие информации лесно и брзо да се објавуваат и пренесуваат, односно институциите доследно да ја почитуваат обврската за самоиницијативно, доброволно и навремено да ги прават достапни информациите, односно да ја практикуваат проактивната транспарентност и на тој начин да ги објавуваат информациите на своите веб страници“.

Конференцијата беше организирана во рамки на проектот “Зголемување на улогата на Народниот правобранител на Република Северна Македонија во еколошката правда“ финансирана од Норвешкото министерство за надворешни работи Norad, а се спроведе во соработка со Програмата за развој на Обединетите нации – УНДП и канцеларијата на Високиот комесар за човекови права на ОН во Скопје United Nations Human Rights.

Accessibility Toolbar