ПРЕЗЕНТИРАНО УПАТСТВОТО ЗА ПОДОБРУВАЊЕ НА ТРАНСПАРЕНТНОСТА НА ИНСТИТУЦИИТЕ ВО ЈАВНИОТ СЕКТОР
Денеска на прес-конференција беше презентирано Упатството за подобрување на транспарентноста на институциите од јавниот сектор кое беше изработено од Центарот за управување со промени во соработка со Агенција за заштита на право на слободен пристап до инфомациите од јавен карактер и Кабинетот на Заменичката на Претседателот на Влада задолжена за политики за добро управување.
На прес-конференцијата со свои обраќања пред присутните претставници од институциите., имателите на информации, новинарите и граѓанските организации, се обратија Славица Грковска, заменичкатта на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Пламенка Бојчева, директорката на Агенцијата и Неда Малеска Сачмароска, извршната директорка на Центарот за управување со промени.
„Секој граѓанин има право на пристап до информациите што се неопходни за да добие преглед за тоа како функционира системот, како се располага со парите на граѓаните, со буџетот и притоа да има можност да ги детектира слабостите, пропустите и да алармира за сите недоследности. Транспарентноста и отчетноста на институциите се несомнено најважните елементи во процесот на справување со корупцијата, но и во јакнење на интегритетот“, нагласи Грковска во своето обраќање.
Директорката Бојчева, истакна дека „законската обврска за активно објавување на информациите се заснова на начелото на транспарентност, отчетност и одговорност на институциите пред граѓаните кои имаат право, но и граѓанска должност да знаат како се донесуваат одлуки во нивно име, кои се резултатите и исходите од тие одлуки, како се трошат јавните средства, кои услуги можат да ги бараат и добијат од институциите и слично“.
Бојчева, истакна дека со активното и ажурно објавување на податоците, нашата држава ги следи трендовите и тековите на современите демократии, каде поднесувањето на барања за пристап до информации како една релативнo долга административна постапка, полека замира.
Неда Малеска- Сачмароска ја поздрави иницијативноста на Владата и на вицепремиерката Грковска за унапредување на транспарентноста на институциите.
„Бидејќи институциите од јавниот сектор во рамките на своите надлежности создаваат голем број на податоци и информации, а работата на институциите се финансира од граѓаните, сите податоци (кои не се лични податоци, или пак класифицирани информации), им припаѓаат на граѓаните и треба да се објават, односно да се „отворат“ во формат на отворени податоци. Истражувањето кое претходеше на ова Упатство покажа дека во изминатите три години најголемиот дел на барања за пристап до информации од јавен карактер упатени до имателите на информации се однесуваат на прашања поврзани со: јавните набавки; финансиското работење на институциите -патни трошоци, дневни трошоци, користење на службени возила, бројот на вработените лица во институциите од јавниот сектор и лицата ангажирани по други основи, како и податоци за избраните и именувани лица“, истакна Малеска- Сачмароска.
Упатството можете да го превземете од следниот линк:
Упатство за подобрување на транспарентноста на институциите од јавниот сектор