Одбележан 28-ми Септември – Меѓународниот ден за универзален пристап до информации

28.09.2021

Денеска, на хибриден настан, Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер го одбележа 28-ми Септември  – Меѓународниот ден за универзален пристап до информации.

Во присуство на избрани гости меѓу кои  Фреjк Јанмаат – Раководител на оддел при Делегацијата на Европска Унија и Г-дин Љупчо Николовски – Заменик-претседател на Владата за борба против корупцијата и криминал, одржлив развој и човечки ресурси, беа презентирани резултатите од работењето на Агенцијата изминатава година, креираните ИТ алатки како и плановите за идно унапредување на демократските процеси во нашата држава, преку овозможување на непречен проток и на слободен пристап до информаците од јавен карактер и олеснување на остварувањето на уставно загарантираното право на граѓаните да имаат увид во работата на институциите.

„Годинава постапено е по сите 639 Жалби кои се доставени до Агенцијата. Би сакала да ја истакнам најголемата придобивка која Агенцијата ја постигна во своето работење. Како никогаш досега во 15 годишното имплементирање на законот, процентот на поднесени жалби по однос на молчењето на управата е преполовен. Што значи тоа? Ако во претходните години  процентниот показател дека имателите не постапуваат во законски предвидениот рок се движел меѓу 70-80%, оваа година е 37 проценти, што покажува дека имателите постапуваат и одговараат на барањата на барателите. Со задоволство можам да заклучам дека  Агенцијата се етаблира како институција која значително ја подобрува достапностa на информациите од јавен карактер во нашата земја, но работи и на свеста и едуцираноста на граѓаните во остварување на тоа право а исто така е и значаен партнер на институциите – иматели во унапредување на нивната транспарентност.“ – рече директорката на Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер, Пламенка Бојчева.

Во рамките на ИПА 2 проектот, освен Стратешкиот план на Агенцијата, неколку Прирачници и брошури и дигитални алатки, во тек е и кампања насловена како „Промовирање на транспарентност и одговорност во јавната администрација“.

„Содржината која сигурна сум дека сте ја забележале на социјалните мрежи под хаштагот „Сакам да знам“ има за цел да информира, едуцира и да ја подигне свеста на граѓаните за остварување на нивното право на пристап до информациите од јавен карактер со што граѓаните ќе имаат увид во работата на институциите и ќе стимулираат транспарентност на институциите во извршувањето на нивните активности.“ – додаде директорката Бојчева.

Европската делегација во континуитет партнерски работи со Агенцијата на патот кон достигнување  на високите ЕУ стандарди за транспарентно демократско општество. “Целта на овој проект е да се асистира до државните институции во градењето на холистичен и систематски пристап со спроведување на транспарентност и одговорност. И ова не се однесува само на одредени институции, туку на сите чинители во општеството: Владата, Јавната администрација на централно и локално ниво, стопанството, граѓанското општество, медиумите и граѓаните. Транспарентноста и одговорноста се најважните чинители во минимизирање на корупцијата и зајакнување на интегритетот“- изјави Фрејк Јанмаат, раководител на оддел при Делегацијата на Европска Унија

Клучни во процесот на усогласување со ЕУ регулативите за транспарентност и отчетност се волјата и инвестициите од сите државни органи, на што укажа и Вицепремиерот за борба против корупцијата и криминал, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски.

„Во изминатите  4 години, Владата на РСМ презеде бројни мерки и активности за зголемување на транспарентноста и на отчетноста, не само на Владата туку и на сите институции, со единствена цел да ги отвориме институциите и да ја зголемиме довербата на граѓаните во институциите. Проактивното објавување на информациите од страна на Владата и поедноставувањето на административните процедури, се дополнителни начини за промовирање на транспарентност, кои ги надминуваат традиционалните практики за пристап до информации од јавен карактер. Ова е Влада која борбата против корупција ја става како врвен приоритет. И кога велиме широк фронт за борба против корупција и криминал неминовна е транспарентноста, тоа е половина од борбата против ова зло.“ – рече Николовски.

На настанот свои обраќања имаа Александар Кашумов клучен експерт во рамките на ИПА 2 Промовирање на транспарентност и одговорност во јавната администрација проектот,  кој изјави –  „Особено ми е драго и чест што тесно соработувам со Агенцијата со цел зајакнување на нејзините капацитети за унапредување на  законот како силна алатка за граѓаните, владина транспарентност и спречување на корупцијата. , како и Дарко Антич  –  Барател на информации од Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ,Скопје.

Настанот беше искористен и за презентација на дигиталните алатки кои го модернизираат и олеснуваат пристапот до информации од јавен карактер.

„Модернизирани ИТ-алатки за подобрен оперативен капацитет на Агенцијата и обезбедување подобрени услуги за барателите и имателите на информации од јавен карактер се подготвени и се ставаат во функција. Тоа се Е -порталот за Баратели (slobodenpristap.mk) и вториот портал кој е наменет за Имателите на информации.“– рече во својата презентација проф. Боро Јакимовски – Клучен експерт  во рамките на ИПА2 Промовирање на транспарентност и одговорност во јавната администрација проектот.

Првиот Закон за слободен пристап до информациите од јавен карактер беше донесен во нашата држава во 2006 година, а Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер втор пат го одбележува Меѓународниот ден за универзален пристап до информации.

Accessibility Toolbar