ГРАЃАНИТЕ АКТИВНО ГО КОРИСТАТ ПОРТАЛОТ ЗА БАРАТЕЛИ – https://slobodenpristap.mk/

16.01.2023

Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер информира дека граѓаните/барателите на информации од јавен карактер го препознаа Порталот за баратели како алатка за брз начин да ја добијат бараната информација која ја поседуваат имателите на информации. Податоците од едногодишното имплементирање на оваа алатка покажува дека преку Порталот за баратели се поднесени 93 барања од страна на баратели на информации до имателите на информации од јавен карактер.

Барателите имаат право да побараат информации од било кој имател на информации од јавен карактер и да добијат одговор. Овој портал за Слободен Пристап им помага елекронски да креираат и испратат барање за слободен пристап до информации од јавен карактер. Сите креирани барања се јавно достапни на порталот и барателите можат да се запознаат со барањата кои биле поднесени до имателите на информации.

Кога ќе се поднесе барање до одреден имател на информации, Порталот ќе испрати е-пошта кога поднесеното барање ќе биде одговорено. Откако ќе се добие одговор, истиот ќе биде јавно достапен на Порталот. Доколку барателот не е задоволен од добиениот одговор, може да поднесе жалба до Агенцијата исто така преку порталот, што е додадена вредност на порталот и единствен пример од овој тип во европската пракса.

Треба да потенцираме дека Порталот најмногу го користат физички лица, со поднесени 86 барања. Радува фактот што 2 барања за слободен пристап поднеле и странски лица, што го овозможува и самиот Закон за слободен пристап до информации од јавен карактер. Правни лица поднеле 2 барања преку порталот.

Најмногу, 38 барања, се поднесени до Општина Прилеп и 5 барања до Општина Центар. Барателите го искористиле своето уставно право со поднесување на барања за пристап до информации од јавен карактер до сите иматели на информации и тоа до државни институции, општини, здравствени институции, иматели од судската власт, јавни претпријатија и установи, како и до имателите од образовните институции и правни и физички лица кои вршат јавни овластувања и дејност од јавен интерес.

Агенцијата апелира имателите да постапуваат по поднесените барања преку порталот и да ја избегнуваат праксата за молк на управата. На тој начин имателите ќе бидат транспарентни и отчетни во својата работа, односно навремено ќе ја практикуваат реактивната транспарентност. На тој начин ќе се избегне жалбената постапка, а барателите ќе бидат информирани за работата на институциите.

Порталот за баратели како добра алатка за пристап до информации од јавен карактер го препозна и Европската комисија во своите годишни извештаи со препорака истиот што повеќе да се користи како од страна на барателите, така и имателите истиот да го користат за да информациите на брз и ефикасен начин стигнат до барателите.

Агенцијата ги повикува барателите да го користат Порталот за да го креираат своето барање за да ја добијат потребната информација од јавен карактер. Информирани граѓани пред се.

Accessibility Toolbar