НАЈЧЕСТО ПОСТАВУВАНИ ПРАШАЊА
1. До кого и на кој начин можам да поднесам Барање за пристап до информации од јавен карактер?
Одговор: Барањето треба да биде поднесено до имателот кој ја создал или кој располага со бараната информација. Барателот пристапот до информацијата може да го бара писмено и во електронска форма. Барателот е должен во барањето да се произнесе за начинот на натамошната комуникација со Имателот на информацијата и тоа усно, во писмена форма или во електронска форма. Доколку барателот писменото барање го доставува непосредно до Имателот на информации тогаш тој треба да има примерок од барањето на кој имателот ќе стави приемен печат со датум на приемот.
Кога Барањето се поднесува во писмена форма и неговото доставување се вршипреку пошта, се препорачува тоа да биде со препорачана пратка. Во тој случај доставата ќе биде уредна доколку Имателот со свој потпис го потврди приемот и датумот на приемот на Барањето, а повратницата поштата ќе ја врати до барателот.
Наведениот начин на доставување е важен и за барателот и за имателот затоа што, од денот на доставувањето на барањето почнува да тече рокот за постапување по истото. Доколку Барањето е однесено во електронска форма, Имателот треба да го испечати и да го заведе во неговата архива. Постапката по него продолжува како да е поднесено во писмена форма.
2. Дали за информациите кои ги создава имателот на информација при извршувањето на своите законски надлежности и за чие давање согласно закон и/или подзаконски акт (правилник, тарифник, ценовник и сл.) е предвидено плаќање на одреден паричен надоместок, и дали можат да бидат предмет на барање за слободен пристап до информации?
Одговор: Информациите/документите кои ги создава Имателот на информации и за чие издавање е утврдено дека барателот треба да плати одреден паричен надоместок, не можат да бидат предмет на барање за слободен пристап до информации од јавен карактер. Тие не се информации од јавен карактер, туку услуги кои, согласно посебен Закон, предметната институција ги нуди, во рамките на своите надлежности, кон правни или физички лица кои имаат личен интерес за остварување на некое право или добивање конкретна услуга. Такви услуги се на пример: Изводи од регистрите кои ги води Централниот регистар на РСМ, изводи од ДУП кои ги издаваат единиците на локална самоуправа, уверенија и изводи и други документи кои ги издава Агенцијата за катастар на недвижности, податоците од интегрираниот здравствен информатички систем кои ги издава Управата за електронско здравство и други.
3. Дали е задолжително Барањето за пристап до информации да биде доставено на образецот посочен од Агенцијата?
Одговор: Формата на образецот на Барањето за пристап до информации од јавен карактер ја пропишува директорот на Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер и по правило барањата треба да се доставуваат на овој образец.
Меѓутоа, Барателот не мора Барањето за пристап до информации од јавен карактер да го достави на утврдениот образец. Барањето може да биде поднесено и на обичен поднесок кој ќе ги содржи податоците од членот 16 на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер и во него да наведе дека информациите ги бара согласно овој Закон.
4. Како службените лица постапуваат по добиени непотполни, нејасни и неразбирливи барања?
Одговор: Ако Барањето за пристап до информации од јавен карактер е непотполно односно, не содржи некој од суштинските елементи за да може имателот да постапува по истото, Имателот е должен да побара од барателот да го дополни, појасни, односно да го прецизира Барањето, со укажување на последиците доколку тоа не го направи во рок од три дена од денот на приемот на известувањето.
Доколку барателот не го дополни и прецизира Барањето за пристап до информации од јавен карактер во определениот рок, имателот на информацијата ќе донесе решение со кое ќе го отфрли барањето. Против ваквото решение дозволена е Жалба до Агенцијата. Иста е постапката и кога Барањето за пристап до информации од јавен карактер и по дополнувањето не ги исполнува условите од членот 16 од Законот, односно не содржи некој од битните елементи што ја сочинуваат неговата форма и поради тоа имателот на информацијата не може да постапува по него.
5. Од кои причини може да бидат одбиени барања за пристап до информации од јавен карактер?
Одговор: Имателите на информации можат да одбијат за пристап до информација во случаите наведени во член 6 став 1 од ЗСПИЈК, односно ако информацијата се однесува на:
1. Информација која врз основа на закон претставува класифицирана информација со соодветен степен на класификација;
2. Личен податок чие откривање би значело повреда на заштитата на личните податоци;
3. Информација чие давање би значело повреда на доверливоста на даночната постапка;
4. Информација стекната или составена за истрага, кривична или прекршочна постапка, за спроведување на управна и на граѓанска постапка, а чие давање би имало штетни последици за текот на постапката;
5. Информација која ги загрозува правата од индустриска или интелектуална сопственост (патент, модел, мостра, стоковен и услужен жиг, ознака на потеклото на производот).
Информациите утврдени во ставот (1) на овој член, стануваат достапни кога ќе престанат причините за нивната недостапност.
По исклучок од ставот (1) на овој член имателите на информации ќе одобрат пристап до информација, по задолжително спроведениот тест на штетност, со кој ќе се утврди дека со објавувањето на таквата информација последиците врз интересот кој се заштитува се помали од јавниот интерес утврден со закон што би се постигнал со објавувањето на информацијата.
6. Има ли терк за спроведување на Тестот на штетност?
Одговор: Законската обврска за задолжително спроведување на Тест на штетност при одбивање на барања е дефинирана прецизно, но законот, како и во други земји не дава точен опис и постапка по тестот.
Нема пишани критериуми за спроведување на Тестот. Истиот се спроведува само за исклучоците од слободниот пристап, вклучувајќи ги и класифицираните документи и личните податоци. ЗСПИЈК не предвидува апсолутни исклучоци или исклучоци што би го избегнале Тестот. Тоа значи дека и документ класифициран со највисок степен на класификација „државна тајна“ и заштитениот личен податок се подложни на преиспитување низ Тестот на штетноста.
Наведениот Тест се спроведува во три дела:
1. Исклучокот од слободниот пристап до информации мора да биде точно предвиден и опишан во закон. Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер тоа го определува таксативно во член 6 став 1.
2. Дали со пристапот се овозможува суштинска штета за таа заштитена цел. Спроведувајќи го Тестот имателот мора да обезбеди доказ дека откривањето на бараната информација ќе го оштети, односно ќе му нанесе значителна повреда на заштитениот интерес.
3. Штетата што би се нанела на заштитената цел мора да биде поголема од јавниот интерес да се открие таа информација.
7. Кои информации во врска со јавните набавки треба да бидат достапни до јавноста?
Одговор: Во член 10 став 1 алинеа 18 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.101/2019) е наведено дека имателите на информации се должни до јавноста да ја посредуваат „целокупната документација за јавните набавки“.
8. Која е должноста и одговорноста на службените лица за посредување со информации од јавен карактер?
Одговор: Секој имател на информации е должен со акт да определи едно или повеќе службени лица за посредување при остварувањето на правото на слободен пристап до информации, кое ќе контактира со барателите и ќе ги дава потребните информации. Службеното лице има обврска да ја спроведе постапката по Барање за пристап до информации од јавен карактер да им помага на барателите, со цел на брз и едноставен начин, со помалку трошоци и помалку губење време, да ја добијат бараната информација со што ќе го остварат своето право кое им е гарантирано со Уставот на Република Северна Македонија, а операционализирано во ЗСПИЈК.
Назначувањето на службеното лице претставува олеснување за барателот, бидејќи тој однапред знае кој треба да постапува по неговото Барање. Службеното лице е должно на барателот да му даде соодветна помош при дополнување на Барање за пристап до информации од јавен карактер.
За примањето на барања за информации, чувањето и давањето информации, службеното лице води посебна евиденција. Евиденцијата ќе му послужи за полесно подготвување на Годишниот извештај кој треба да го достави до Агенцијата.
9. Дали треба по сите барања за пристап до информации од јавен карактер да се одговори со решение?
Одговор: Точно. Имателот на информации постапувајќи по барања за пристап до информации од јавен карактер донесува управен акт – решение – без разлика дали по барањето одговара позитивно, дали целосно или делумно го одбива, дали го отфрла, или ја прекинува или запира постапката по истото. Структурата и задолжителните елементи на писмениот управен акт се наведени во член 88 од Законот за општата управна постапка.
10. Како да се постапи по барања во кои се побарани голем број документи?
Одговор: Кога на Имателот на информации, поради обемноста на бараната информација му е потребно подолго време од рокот утврден во член 21 од ЗСПИЈК, односно повеќе од 20 дена, рокот за одговор може да се продолжи најмногу до 30 дена.
За продолжувањето на рокот Имателот е должен да го извести (по електронски пат) Барателот веднаш, а најдоцна во рок од седум дена од приемот на Барањето.
11. Може ли и во кои случаи да се наплатуваат трошоци за бараната информација?
Одговор: Увидот во бараната информација е бесплатен. Барателот е должен да плати за добиен препис, фотокопија, или електронски запис во висина на материјалните трошоци (препорачливо само за побарани обемни информации).
Надоместокот за материјалните трошоци со своја одлука го утврдува Владата на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.136/06 и „Службен весник на Република Македонија“ бр.140/17).
Ако Барањето се однесува на информација од поголем обем, Имателот на информации може да бара авансно уплаќање на надоместокот за покривање на трошоците.
12. Што треба да се стави на Листата на информации од јавен карактер?
Одговор: Имателите на информации се должни редовно да водат и да ја ажурираат Листата на информации поместувајќи во неа информации кои ги создале, или со кои располагаат, а кои произлегуваат од нивните надлежности. Истите поконкретно се опишани и таксативно наведени во член 10 од ЗСПИЈК.
13. Кој и кога може да поднесе Жалба до Агенцијата?
Одговор: Право на правна заштита, преку поднесување Жалба до Агенцијата, има само оној Барател кој поднел Барање за пристап до информации од јавен карактер согласно ЗСПИЈК. Жалбата може да ја поднесе во рок од 15 дена по изминување на законскиот рок за одговор од страна на Имателот на информации, односно во рок од 15 дена од добиениот одговор или решение од страна на Имателот на информации. Во спротивно, жалбата ќе биде третирана и отфрлена како ненавремена.
14. Како да постапат службените лица за посредување информации во случаи кога до нив е доставено Барање за пристап до информации од јавен карактер кое содржи поголем број на точки. Дали за секоја точка од Барањето треба да се изготви посебно решение?
Одговор: Не. На секое барање за пристап до информации од јавен карактер се одговара со еден управен акт, односно се носи едно решение, во диспозитивот и образложението таксативно се набројува како е одговорено (по точка 1, точка 2, точка 3…) – дали е одбиено, позитивно одговорено, отфрлено, итн.