„САКАМ ДА ЗНАМ“ – ЗАТОА ШТО ГРАЃАНИТЕ ИМААТ ПРАВО ДА ЗНААТ КАКО СЕ ТРОШАТ ЈАВНИТЕ ПАРИ

14.07.2021

Директорот на Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер, Пламенка Бојчева, даде интервју за порталот „Обсервер“, кое го пренесуваме во целост.

Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер е една од институциите вклучени во проектот „Избери ја вистинската насока: Интегритет“ кој има за цел промовирање на интегритетот како клучен темел на општеството и демократијата и една од основните вредности на ЕУ.

Според Пламенка Бојчева, директорка на Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер,  овој проект ќе придонесе за подигнување на јавната свест за улогата на граѓанинот како оној пред кого институциите даваат отчет.

„Главната порака на кампањата„Избери ја вистинската насока: Интегритет“  е дека секој граѓанин може да влијае на нивото на интегритет преку секојдневни, лични одлуки и избори. Одбивањето на секој  како поединец, како индивидуа да учествува во коруптивни практики, обелоденувањето на корупцијата и другите незаконски и неетички однесувања преку следење на работењето на јавната администрација се меѓу оние избори што треба да се охрабрат да ги прават граѓаните. Еден од начините за следење на работата на јавната администрација е остварување на правото на пристап до информации од јавен карактер, така граѓаните се информираат за работењето на администрацијата, а особено за трошењето на буџетските средства, односно на јавните пари. Со овој проект, во кој ние настапуваме со слоганот „Сакам да знам“, очекувам да постигнеме зголемена видливоста на Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер, да ги охрабриме  граѓаните да го остваруваат своето уставно право на пристап до информации за активностите на институциите и трошоците од нивното работење, да ги едуцираме како да го остварат правото и како да се обратат до нас доколку имателите на информации од кои побарале, не им ги обезбедиле информациите.“ – вели Пламенка Бојчева, директорка на Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер.

Истражувањата покажуваат дека е мал бројот на граѓани кои бараат информации или документи од јавен карактер, а една од основните причини за малиот интерес е недоволната информираност за можностите што ги нуди законот за слободен пристап до информации од јавен карактер. Најчесто институциите не обезбедуваат финансиски информации, односно информации за трошоците од нивното работење или го пробиваат законскиот рок за одговор на барањето, по што граѓаните, особено новинарите и невладините организации,  поднесуваат жалби до Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер.

„Во првата половина од 2021 година до Агенцијата се доставени вкупно 561 жалба и по сите е постапено во законскиот рок од 15 дена. Институциите имаат обврска да овозможат пристап до сите информации од јавен карактер кои ги созадале и со кои располагаат. Тие се должни да ги објавуваат на своите веб страни податоците за надлежности кои ги извршуваат, список на лица вработени во институцијата, службен е-маил и службен телефон, стратешки планови и стратегии за работа, годишни планови и програми за работа, годишен буџет и завршна сметка, годишни финансиски планови по квартали, програми за реализација на буџетот, ревизорски извештаи, видови услуги кои ги даваат итн. Важно е граѓаните да знаат кои информации треба да ги побараат и како, поради што ги охрабрувам  да ја посетат нашата веб страна aspi.mk и детално да се информираат.“ – истакнува директорката Бојчева.

Новинарските истражувања велат дека институциите имаат поставено на нивните веб страници само 63% од сите информации кои би требало да ги објават. Процентот е во пораст но сеуште недоволен, а Агенцијата континуирано врши мониторинг на веб страните на имателите на информации како и редовни, бесплатни обуки на службените лица во институциите кои треба да им го олеснат на граѓаните пристапот до информациите и да ги едуцираат како да поднесат барање и да го остварат своето право. За оние институции кои нема да го почитуваат законот и да одговорат на барањата, Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер има ингеренции и да казнува.

„Согласно Законот, Агенцијата води прекршочни постапки против лицата вработени кај имателите на информаци кои го оневозможиле пристапот до информации од јавен карактер или на друг начин не ги почитувале законските обврски.“ – потенцира Бојчева.

Во текот на 2020 година биле реализирани 10 прекршочни постапки, додека во 2021 година, се изречени 3  прекршочни санкции, 1 опомена и 2 глоби. Во тек се 336 постапки од кои 333 се поведени против службени лица кои не изготвиле Годишен извештај за спроведување на ЗСПИЈК и не го доставиле до Агенцијата.