ПОТПИШАН МЕМОРАНДУМ ЗА ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА ТРАНСПАРЕНТНОСТА НА СУДОВИТЕ

18.05.2022

Директорката на Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер, Пламенка Бојчева и Претседателката на Судскиот совет, Павлина Црвенковска потпишаа Меморандум за соработка за зголемување на активната транспарентност на судовите во насока на доследно спроведување на одредбите од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер и остварувањето на правото на граѓаните за слободен пристап до информации.

Агенцијата ќе спроведе мониторинг на интернет страниците на судовите во врска со почитување на членот 10 од Законот за пристап до информации од јавен карактер и потоа ќе биде подготвена анализа. Судскиот совет и Агенцијата се обврзаа дека ќе работат на поттикнување на судовите да ги ажурираат своите интернет страници согласно членот 10 од законот за да ги направат подостапни сите информации кои се од јавен карактер, а кои се од интерес пред се на граѓаните.

Судовите во иднина на своите интернет страници ќе ги објават сите информации од јавен карактер со цел тие да бидат постојано достапни за сите оние на кои им се неопходни, со што директно ќе се зголеми транспарентноста на судовите, а на граѓаните ќе им се олесни постапката за добивање информации од јавен карактер.