СТУДИСКА ПОСЕТА НА ПОРТУГАЛИЈА

21.10.2022

Претставници на Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер во рамки на IPA 2 проектот „Транспарентност и отчетност на јавната администрација“ финансиран од Европската Унија, остварија тридневна работна посета на Комисијата за пристап до административни документи (CADA) од Лисабон, Португалија.

За време на посетата на сродната институција, претседателот на Комисијата, Алберто Аугусто Оливеира и членот, Тиаго Фиделго Де Фреигас, заедно со директорката на Агенцијата, Бојчева, разменија искуства од својата работа, како и предлози за понатамошна заедничка соработка. Исто така, беше одржан состанок со извршната директорка на Транспаренси Интернешнл, Карина Карваљо, на која се разговараше за искуствата кои оваа организација ги има во однос на имплементирањето на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер како баратели. На состанокот беше разгледана можноста за идна соработка на трите институции.

Претставниците на Агенцијата, присуствуваа на пленарна седница на CADA, а остварија и работни средби со претседателката на Комисијата за заштита на личните податоци (CNPD) Марија Филипа Пирес де Коста Калвао и членовите на Комисијата за државна тајна (EFSE). На состаноците беа разменети практични искуства од имплементирањето на законските решенија во двете земји, како и за имплементирањето на законите за лични податоци и законите за државна тајна и класифицирани информации во однос на пристапот до информации од јавен карактер.

                                                                 

Последниот ден беше реализирана посета на португалскиот парламент, а претставниците на Агенцијата имаа средба и со претставници на невладината организација GEOTA, чиј претседател Жоао Диас Коељо воедно е и член на CADA. На состанокот беше претставена работата на GEOTA и начинот на кој оваа организација го користи пристапот до информации како алатка за пристап до документи од областа на заштитата на животната средина, како и за примената на Архурската Конвенција во однос на пристапот до информации кои се однесуваат на заштита на животната средина.

                                   

Од работната посета произлегоа бројни можности за соработка помеѓу институциите од двете земји кои работат на имплементација на уставно загарантираното право – правото на пристап до информации од јавен карактер.

Accessibility Toolbar