СО ПОГОЛЕМА ПРОАКТИВНА ТРАНСПАРЕНТНОСТ ДО ИНФОРМИРАНИ ГРАЃАНИ

19.05.2022

Директорката на Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер, Пламенка Бојчева, имаше обраќање на панел сесијата посветена на „Етика и анонимизација на податоците“ на меѓународната конференција Open Data Conference во Скопје, која се одржува од 18-ти до 20-ти мај 2022 година. Оваа конференција е фокусирана на темата „Податоците и културата на отвореност“.

Директорката Бојчева, во воведното обраќање потенцира дека  „кога имателите на информации од јавен карактер се отворени кон јавноста, граѓаните непречено дознаваат што и како работат органите на државната власт и другите установи и институции. Со тоа им се овозможува равноправно да учествуваат во јавниот живот и континуирано да го контролираат работењето на властите“.

Правото на јавноста да знае е дел од корпусот на фундаментални човекови права во современиот свет. Ова право е незамисливо без слободниот пристап до информациите, кој претставува еден од клучните столбови на кои се базираат современите демократии.

Со Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер првенствено се регулираат механизмите со кои јавноста може да побара информации од имателите на информации од јавен карактер и се обезбедува јавност и отвореност во работењето на имателите и им се овозможува на физичките и правните лица да го остваруваат правото на слободен пристап до информации од јавен карактер.

Посебен осврт директорката Бојчева даде на проактивната транспарентност, која произлегува од членот 10 од Законот, каде таксативно се наведени 22 категории на информации кои имателите се обврзани да ги објавуваат на своите веб страници. Со проактивното објавување на информациите од јавен карактер на имателите јасно им се утврдува законската обврска не само да одговараат на поднесените барања по однос на Законот за СПИЈК, туку и да објавуваат информации од јавен карактер на своите веб локации, како и оние кои не се побарани. Проактивното објавување на информации од јавен карактер е составен дел на правото на пристап до информации, со што се обезбедува клучните информации да се достапни навремено. Голема предност на проактивното објавување на информации од јавен карактер, особено кога тоа се прави веднаш, е тоа што на имателите на информации им се отежнува можноста да го одрекуваат постоењето на информациите или да вршат манипулација со нив.

Исто така, Бојчева се осврна и на резултатите од мониторинзите на веб страниците на имателите од Општините и Јавните претпријатија и установи во надлежност на општините кои Агенцијата ги изврши и ги истакна Општините Валандово  и Демир Хисар како примери кои своите информации ги објавуваат преку проактивен пристап.

Accessibility Toolbar