РАБОТНА СРЕДБА НА АГЕНЦИЈАТА И SIGMA/OECD

16.11.2022

Во просториите на Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информациитe од јавен карактер се одржа работна средба на Агенцијата со претставници на SIGMA/OECD и невладиниот сектор. Мисијата на SIGMA/OECD е да се запознае со функционирањето на управните судови во земјите од Западен Балкан и за тоа какво влијание имаат нивните одлуки врз работата на институциите, а особено вопостапките поврзани со слободниот пристап до информации од јавен карактер.

Претставникот на SIGMA/OECD, Тимо Лиги, виш советник за развојни политики и координација, се интересираше за споделување на искуствата од постапувањето на управните судови во предметите по поднесени тужби против решенија на Агенцијата, донесени во постапка по жалби поради ограничување на пристапот до информации од јавен карактер.

Директорката на Агенцијата, Пламенка Бојчева, го запозна Лиги со законските надлежности на Агенцијата, како второстепен орган кој постапува по жалби по барања за слободен пристап до информации од јавен карактер и како се применуваат одредбите од Законот за општата управна постапка. По најголем број од поднесените жалби имателите постапуваат и ги даваат бараните информации на барателите. Ова се должи и на фактот што Агенцијата ги практикува прекршочните одредби од Законот за СПИЈК. Агенцијата од досегашната пракса има искуства и кога барателите покренуваат постапки против нејзините решенија пред Управниот суд, но и пракса кога имателите на информаци покренуваат управен спор против нејзините решенија. Во вториов случај беше нагласена неконзистентната пракса на Управниот и Вишиот Управен суд за тоа дали имателите на инфорамции како првостепени органи можат да се јават во својство на тужители.

Директорката Бојчева, истакна дека бројот на жалби во 2022 година е намален и дека во периодот кој следи, а тоа е периодот на годишните извештаи од имателите, ќе се види која е причината за нивниот намален број. Агенцијата работи и на поголема проактивна транспарентност на имателите, а особено на судската власт.

На средбата беше донесен заклучок дека е потребен поголем број на обуки на претставниците на судската власт, но не само на службените лица, туку на судиите кои постапуваат и носат одлуки по предметите поврзани со слободен пристап до информации од јавен карактер, со што ќе се запознаат со Законот и уставното право со кое гарантира слободниот пристап кон информациите, слободата на примање и пренесување на информации, а со тоа ќе носат и одлуки согласно законсите процедури.

Accessibility Toolbar