ОДБЕЛЕЖАН 28-МИ СЕПТЕМВРИ МЕЃУНАРОДНИОТ ДЕН ЗА УНИВЕРЗАЛЕН ПРИСТАП ДО ИНФОРМАЦИИ

28.09.2022

Агенцијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер со конференција на тема „За состојбите поврзани со спроведувањето на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер во Република Северна Македонија“ денеска го одбележа Меѓународниот ден на универзален пристап до информации од јавен карактер, со подршка на Европската Делегација во Скопје, во рамките на проектот „Промовирање на транспарентност и отчетност во јавната администрација“, финансиран од страна на Европската Комисија, а имплементиран од страна на конзорциум предводен од PwC.

Со денешната Конференција Агенцијата го одбележува 28 септември – Меѓународниот ден за слободен пристап до информации, чие мото е “Имам право да знам”.

Точно пред 20 години, на 28 септември 2002 година претставници на невладини организации од целиот свет, меѓу кои и од Македонија, лобисти и бранители на идејата за слобода во информирањето, на состанок во Софија, Бугарија, формираа Мрежа на бранители на слободата во информирањето. На оваа средба присутните се договорија да соработуваат во промоција на правото на пристап до информации и транспарентно управување. Денес овој ден е признат од УНЕСКО и ООН како Меѓународен ден за Универзален пристап до информации.

Свои обраќања пред присутните службени лица кај имателите на информации, претставници на граѓанските организации и медиумите имаа Пламенка Бојчева, директор на Агенцијата, Агим Нухиу, заменик министер за правда, Александар Кашумов, клучен експерт за слободен пристап до информации од јавен карактер на проект финансиран од ИПА 2 „Промовирање на транспарентност и отчетност во јавната администрација“, Данче Даниловска-Бајдевска, авторка на „Анализа на примената на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер со препораки за унапредување на системот за слободен пристап до информациите“ и Герман Филков, претседател на Центарот за граѓански комуникации, експерт на ИПА2 проектот „Промовирање на транспарентност и отчетност во јавната администрација“.

Директорката на Агенцијата, Пламенка Бојчева во своето обраќање истакна дека ова е многу значаен ден кој што придонесува за развој на демократијата и демократските трендови во општеството кон кое што треба да се движи и нашето општество. Според неа, тоа е еден од принципите на сите современи демократии и европски стандарди кон кои се стреми нашата држава.

Бојчева информираше дека од аспект на реактивната транспарентност, односно постапување по примени барања за слободен пристап до информации од јавен карактер, во изминатите три години од постоењето на Агенцијата и од донесувањето и стапувањето на сила на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер е забележан значителен напредок. „Бројките го кажуваат тоа. Доколку во изминатите години од првиот закон кога е донесен во 2006 година, имало околу 500-600, па и до 700 жалби, оваа година се примени само 250 жалби од кои 55 се повлечени, поради тоа што во меѓувреме, пред да биде донесено решението на Агенцијата, барателите ја добиле информацијата и по нивно барање жалбата е повлечена, дополнувајќи дека досега постапиле со укажување и наложување по 195 жалби“.

Во однос на прашањето дали се потранспарентни локалните или државните институции, таа истакна дека Агенцијата спроведе мониторинг и на единиците на локална самоуправа и на 144 државни институции, јаавните претпријатија под надлежност на општините и на имателите од судската власт.

Директорката посочи дека Агенцијата во иднина ќе се посвети на проактивната транспарентност.

Заменик министерот за правда,  Агим Нухиу, кој присуствуваше на конференцијата, говореше за заложбите на Владата за унапредување на транспарентноста и отчетноста на институциите, усогласеноста на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер со принципите за добро управување и дали Законот ги следи дадените препораки во извештаите на Европската Комисија за напредокот на Северна Македонија во евоинтегративниот процес. Нухиу изрази поддршка доколку има потреба за измени на Законот во однос на пристапот до јавните информации. Потенцира дека „имаме законска рамка и институционалната рамка во кои повеќе ќе се спроведуваат атрибутите на правната држава“.

Александар Кашумов ги претстави остварените резултати и придобивките од имплементацијата на проектот „Промовирање на транспарентност и отчетност во јавната администрација“ за унапредување на слободниот пристап до информациите од јавен карактер во Северна Македонија и изготвените прирачници и публикации кои ќе им бидат од корист на службените лица во понатамошната работа во имплементирањето на ова право.

Данче Даниловска-Бајдевска, авторка на „Анализата на примената на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер со препораки за унапредување на системот за слободен пристап до информациите“, посочи дека студијата е направена со цел да упатат пораки до креаторите на јавните политики како да се унапреди правото за слободен пристап до информации.

Даниловска-Бајдевска, потенцираше дека препораките во Анализата се дадени во две насоки и тоа да се зголеми буџетот на Агенцијата за да може да ги исполни своите надлежности во целост, односно да се посвети на едукација на имателите на информации, на институциите кои што располагаат со информации од јавен карактер, да може да спроведува голем број на кампањи за да ги едуцира граѓаните дека имаат право на слободен пристап до информации од јавен карактер и да се насочи кон едуцирање на избраните и именуваните функционери, затоа што од политичката волја на некои органи се покажува дека зависи и слободниот пристап до информации од јавен карактер.

Препорака е дадена и во насока на минимални измени на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.

Герман Филков во своето излагање ги пренесе искуствата од практичната имплементација на Законот, како и за придобивките од активната транспарентност, која се повеќе ќе биде актуелна во понатамошното имплементирање на Законот од страна на имателите на информации од јавен карактер.

На крајот од конференцијата се разви плодна дискусија на која присутните службени лија ги пренесоа своите искуства во импллементирањето на Законот како и дадоа препораки како да се унапреди остварувањето на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер, како еден од начините за градење на отворени, транспарентни и отчетни институции и како алатка за борба против корупцијата.

Accessibility Toolbar