ИЗВЕШТАЈ ЗА ИЗВРШЕНА ПРОВЕРКА НА ОБЈАВЕНИТЕ ДОКУМЕНТИ И ИНФОРМАЦИИ КОИ ИМАТЕЛИТЕ ОД ДРЖАВНИТЕ ИНСТИТУЦИИ ВО РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА СЕ ОБВРЗАНИ ДА ГИ ОБЈАВАТ НА СВОИТЕ ВЕБ-СТРАНИЦИ

19.12.2022

Согласно Акцискиот план за спроведување на Стратегијата за реформа на јавната администрација 2018-2023 година, во посебната цел Мерка 3.4.1.6. Зајакнување на механизмите за достапност на информациите од јавен карактер, Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер спроведе мониторинг на веб локациите на имателите од централна власт за 2022 година.

Цел на мониторингот беа 22-те категории на информации, согласно член 10 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер и нивното доследно објавување на веб страните на имателите на информации.

Од вкупно 146 државни институции евидентирани во Листата како иматели, беа мониторирани веб страниците на 120 иматели. Единаесет иматели не беа опфатени со мониторингот, бидејќи немаат сопствени веб локации. Веб страницата на еден имател (Агенција за квалитет и акредитација на здравствени установи) не можеше да се анализира од причина што додека траеше мониторирањето на веб страните истата беше неактивна, односно до истата не можеше да се пристапи, додека 13 подрачни единици на Државното правобранителство на РСМ се составен дел на Државното правобранителство и тие не се мониторираат.

Мониторингот беше спроведен согласно методологијата имплементирана во соработка со надворешни експерти, ангажирани од ИПА II Проектот „Транспарентност и отчетност на јавната администрациија“, чиј корисник е Агенцијата. Изготвениот прашалник содржеше вкупно 30 прашања кои произлегуваат од членот 10 од Законот. Некои од нив содржеа едно или повеќе подпрашања, а максималниот број на можни бодови изнесуваше 52. Имателите за објавените податоци добиваа 0, 0.5 и 1 бод, зависно од бројот и ажурираноста на објавените документи. Прашалникот беше дистрибуиран до имателите, од кои беше побарано сами да извршат евалуација на сопствената транспарентност.

Во рокот предвиден за доставување на одговорите до Агенцијата, имателите доставија 68 прашалници, од кои во 11 не беа содржани линкови до конкретните документи како што беше барано и не беа земени в предвид при мониторирањето на веб страниците.

Во зависност од вкупниот број на бодови кои мониторираните иматели ги добиле по однос на објавените потребни документи и информации согласно членот 10 од Законот, направена е градација на степенот на исполнителност на законската обврска за нивната активна транспарентност, и тоа на следниот начин: иматели со многу ниско ниво на транспарентност кои имаат помеѓу 0 и 20 бодови, со ниско ниво помеѓу 20 и 30 бодови, иматели со средно ниво помеѓу 30 и 40 бодови, и со високо ниво на транспарентност од 40 до 52 бода. При тоа, беше утврдено дека 25 иматели имаат висок степен на транспарентност во однос на објавените информации, 56 се со средно ниво на транспарентност, 29 се со ниско ниво и 9 се со многу ниско ниво на исполнителност во однос на активната транспарентност.

Според резултатите од мониторингот, најтранспарентни се Министерството за земјоделство,шумарство и водостопанство и Министерството за одбрана со 49.5 односно 48.5, а по нив е Министерство за финансии и Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Република Северна Македонија со 45.5 бодови. Оваа година, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство покажа најголема транспарентност на својата веб страница, односно на информациите објавени согласно членот 10 од Законот за СПИЈК. Министерството за ЗШВ минатата година беше во редот на институции со ниско ниво на транспарентност, што покажува дека со објавување на информациите на проактивен начин имателите можат да ја зголемат својата проактивност и отчетност пред се за граѓаните, а на овој начин и пристапот до информации од јавен карактер ќе биде на лесен и пристапен начин достапен до барателите.

Агенцијата спроведувајќи го мониторингот утврди дека имателите може и треба да се подобруваат на планот на проактивност кон граѓаните и информациите кои ги публикуваат да ги поставуваат во посебен банер/линк под наслов ЛИСТА НА ИНФОРМАЦИИ ОД ЈАВЕН КАРАКТЕР на почетната страна од веб страниците. На тој начин, докуметите ќе бидат достапни до барателите, а ќе се намали и бројот на барања по слободен пристап до информациите од јавен карактер. И во иднина, на обуките кои Агенцијата континуирано ги организира за службените лица кај имателите на информации ќе стави акцент на активната транспарентност и доследната примена на членот 10 од Законот за СПИЈК, бидејќи на тој начин имателите им помагаат на граѓаните подобро да го разберат функционирањето на институциите, нивните права и обврски, начинот на којшто можат да влијаат врз донесувањето на одлуките што се рефлектираат врз нивното секојдневно живеење и работење, како и полесно да им пристапат на услугите што им ги нудат институциите од централната власт.

Извештајот од мониторингот можете да го симнете на следниот линк: https://aspi.mk/wp-content/uploads/2022/12/ИЗВЕШТАЈ-ЗА-МОНИТОРИНГ-ДРЖАВНИ-ИНСТИТУЦИИ-2022.pdf

Accessibility Toolbar