ИЗВЕШТАЈ ЗА ИЗВРШЕНА ПРОВЕРКА НА ОБЈАВЕНИТЕ ДОКУМЕНТИ И ИНФОРМАЦИИ КОИ ЈАВНИТЕ ПРЕТПРИЈАТИЈА И УСТАНОВИ ВО НАДЛЕЖНОСТ НА ОПШТИНИТЕ СЕ ОБВРЗАНИ ДА ГИ ОБЈАВАТ НА ВЕБ-СТРАНИЦИТЕ

01.07.2021

Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер, согласно своите надлежности, изврши мониторинг на 47 иматели, односно на пријавените веб страници на јавните претпријатија и установи, а објавени на Листата на иматели на информации на веб страната на Агенцијата. На девет иматели веб страниците не им се активни и истите не можеа да бидат оценети за нивната активна транспарентност. Одделението за соработка и анализи беше задолжено за мониторинг за целосно објавување на документите и информациите кои имателите на информации се обврзани да ги објават на своите веб-страници според членот 10 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.

Проактивно објавените информации на имателите треба да бидат лесно достапни и разбирливи, да можат да се употребат, да бидат релевантни за граѓаните и истите редовно да се ажурираат.

Треба да се нагласи дека веб страниците на мониторираните иматели се ажурираат согласно нивните надлежности и истите ја имаат својата функција како прв информатор за граѓаните и услугите кои ги даваат. Исто така, сакаме да потенцираме дека при мониторирањето се утврди добра пракса, кај дел од имателите, за почитување на законската обврска за објавување на Годишниот извештај (ЧЛЕН 36) на нивните веб страни.

Согласно утврдената методологија, по однос на членот 10 од Законот, се изврши проверка дали мониторираните иматели ги имаат објавено сите 22 категории на информации кои се обврзани да ги објават на своите веб-страници и по однос на тоа дали објавените информации се целосни и ажурирани. Имено, секој еден вид на целосно и ажурирано објавена потребната информација беше оценувано со оценка 1, секое делумно објавување на потребна информација беше оценувано со оценка 0,5, а секоја необјавена (или нетранспарентно објавена) информација беше оценувана со 0 бодови.

Во зависност од вкупниот број на бодови кои мониторираните иматели ги добиле по однос на објавувањето на потребните документи и информации согласно членот 10 од Законот, направена е градација на степенот на исполнителност на законската обврска за нивната активна транспарентност, и тоа на следниот начин: иматели со многу ниско ниво на транспарентност кои имаат помеѓу 0 и 6 бодови, со ниско ниво помеѓу 7 и 10 бодови, иматели со средно ниво помеѓу 10 и 14 бодови, и со високо ниво на транспарентност од 17 до 21 бод. При тоа, беше утврдено дека 3 иматели во голем степен се транспарентни во однос на објавените информации, 8 иматели се со средно ниво на транспарентност, 5 се со ниско ниво и 22 се со многу ниско ниво на исполнителност во однос на активната транспарентност.

Агенцијата спроведувајќи го мониторингот утврди дека активната транспарентност кај имателите е се уште на ниско ниво и во иднина на обуките кои континуирано ги организира за службените лица кај имателите на информации ќе даде акцент на активната транспарентност и доследна примена на членот 10 од Законот за СПИЈК, бидејќи на тој начин имателите им помагаат на граѓаните подобро да го разберат функционирањето на институциите, нивните права и обврски, начинот на којшто можат да влијаат врз донесувањето на одлуките што се рефлектираат врз нивното секојдневно живеење и работење, како и полесно да им пристапат на услугите што им ги нудат институциите под надлежност на локалната самоуправа.

 

 

 

 

 

Accessibility Toolbar