„ГРАЃАНИТЕ ИМААТ ПРАВО ДА ЗНААТ“-УСПЕШНО РЕАЛИЗИРАНИ ПЕТ ЕДУКАТИВНИ СЕСИИ ЗА КОРИСТЕЊЕ НА ПРАВОТО НА СЛОБОДЕН ПРИСТАП ДО ИНФОРМАЦИИ ОД ЈАВЕН КАРАКТЕР

21.04.2022

Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер и Асоцијацијата за демократска иницијатива, во рамки на Проектот на УСАИД за граѓанско учество успешно реализираа 5 информативни едукативни сесии за млади, новинари, претставници на граѓански организации и институции за користење на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер. Регионалните едукативни сесии беа одржани во Гостивар, Битола, Куманово, Штип и Струга.

Главната цел на овие сесии беше да се појасни начинот за поднесување на барање за пристап до информации од јавен карактер и поттик на јавноста поактивно да го користи правото да бара информации од институциите, а тие пак да го подигнат правото на пристап до информации од јавен карактер на повисоко ниво ова уставно загарантирано право за слободен пристап до информациите од јавен карактер.

На сесиите граѓаните беа запознаени за работата на Агенцијата како единствен државен орган кој работи во сферата на заштита на правото на слободниот пристап до информациите од јавен карактер и дека ги поттикнува сите институции на централно и на локално ниво, да го подигнат правото на пристап до информации од јавен карактер на повисоко општествено ниво, преку зголемување и унапредување на проактивната транспарентност во рамките на сопствените институции.

Беше истакнато дека „ граѓаните имаат право на пристап до информациите и услугите што ги даваат институциите, да знаат како се трошат нивните пари, да следат дали тоа трошење е рационално, да можат да учествуваат во донесувањето одлуки и создавањето на политики“.

Правото на слободен пристап до информации од јавен карактер, претставува ефикасен механизам на контрола на јавниот сервис од страна на граѓаните, темел за доброто владеење, зголемување на транспарентноста на институциите и обезбедување значајно учество на граѓаните во јавниот живот.

Accessibility Toolbar