ИЗВЕШТАЈ ЗА ИЗВРШЕНА ПРОВЕРКА НА ОБЈАВЕНИТЕ ДОКУМЕНТИ И ИНФОРМАЦИИ КОИ ОПШТИНИТЕ, ЗЕЛС И ЦЕНТРИТЕ ЗА РАЗВОЈ НА ПЛАНСКИ РЕГИОНИ ВО РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА КАКО ИМАТЕЛИ НА ИНФОРМАЦИИ СЕ ОБВРЗАНИ ДА ГИ ОБЈАВАТ НА СВОИТЕ ВЕБ-СТРАНИЦИ

11.08.2021

Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер, согласно своите надлежности, изврши мониторинг на 88 иматели, односно на веб страниците на општините, Заедницата на единиците на локална самоуправа и Центрите за развој на плански региони, а објавени на Листата на иматели на информации на веб страната на Агенцијата. Мониторингот беше спроведен во периодот од 1 до 20 јули 2021 година. Одделението за соработка и анализи беше задолжено за мониторинг за целосно објавување на документите и информациите кои имателите на информации се обврзани да ги објават на своите веб-страници според членот 10 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.

Проактивно објавените информации на имателите треба да бидат лесно достапни и разбирливи, да можат да се употребат, да бидат релевантни за граѓаните и истите редовно да се ажурираат. Информацијата е предуслов за одговорна власт и основа за демократските процеси-информациите за работата на имателите им овозможуваат на граѓаните адекватно да донесуваат заклучоци и да партиципираат во носењето на одлуки за прашања кои се од нивен интерес. Транспарентноста и пристапот до информациите од јавен карактер се неделиви инструменти во борба против корупцијата.

Треба да се нагласи дека веб страниците на мониторираните иматели се ажурираат согласно нивните активности и истите ја имаат својата функција како прв информатор за граѓаните и услугите кои ги даваат. Kај најголем дел од мониторираните  веб страници е воочливо дека имателите на информации не ги објавиле  податоците за  нивните надлежности , а воедно и не ги систематизирале  информациите согласно членот 10 од Законот за СПИЈК.  Треба да се  потенцира дека несистематизираните информации создаваат забуна кај граѓаните за лесна достапност до информациите кои им се потребни, а се согласно законската обврска за транспарентност на имателите на информации од јавен карактер. Оттука, апелираме до општинските власти информациите да бидат со најмногу три клика достапни за користење на граѓаните. „Информирани граѓани, задоволни граѓани“, тоа е максимата за трансапрентна општинска власт.

Согласно утврдената методологија, по однос на членот 10 од Законот, се изврши проверка дали мониторираните иматели ги имаат објавено сите 22 категории на информации кои се обврзани да ги објават на своите веб-страници и по однос на тоа дали објавените информации се целосни и ажурирани. Имено, секој еден вид на целосно и ажурирано објавена информација беше оценувана со оценка 1, секое делумно објавување на потребната информација беше оценувано со оценка 0,5, а секоја необјавена (или нетранспарентно објавена) информација беше оценувана со 0 бодови.

Во зависност од вкупниот број на бодови кои мониторираните иматели ги добиле по однос на објавените потребни документи и информации согласно членот 10 од Законот, направена е градација на степенот на исполнителност на законската обврска за нивната активна транспарентност, и тоа на следниот начин: иматели со многу ниско ниво на транспарентност кои имаат помеѓу 0 и 6 бодови, со ниско ниво помеѓу 7 и 10 бодови, иматели со средно ниво помеѓу 10 и 14 бодови, и со високо ниво на транспарентност од 17 до 22 бода. Притоа, беше утврдено дека 8 иматели имаат висок степен на транспарентност во однос на објавените информации, 39 се со средно ниво на транспарентност, 24 се со ниско ниво, додека  17 со многу ниско ниво на исполнителност во однос на активната транспарентност.

Мониторингот покажа дека општина Валандово има 20  од можните 22 бода согласно членот 10 од Законот за СПИЈК, а по неа следуваат општините Демир Хисар и Кочани со по 19 бодови. Како добри примери, кои на брз и едноставен начин го имаат испочитувано членот 10 се општините Валандово и Демир Хисар, со тоа што 22-те барани категории согласно законската обврска ги имаат систематизирано на следниот начин:

Општина Валандово: https://www.valandovo.gov.mk/%D0%9E%D0%BF%D1%88%D1%82%D0%B8%D0%BD%D0%B8/%D0%94%D0%BE%D0%BA%D1%83%D0%BC%D0%B5%D0%BD%D1%82%D0%B8/%D0%A2%D1%80%D0%B0%D0%BD%D1%81%D0%BF%D0%B0%D1%80%D0%B5%D0%BD%D1%82%D0%BD%D0%BE%D1%81%D1%82.aspx

и Општина Демир Хисар:

https://www.demirhisar.gov.mk/sloboden-pristap-do-informacii.html

Издвојувајќи ги веб страниците на двете споменати општини , сакаме да им посочиме на останатите општински власти да ја уредат активната транспарентност на своите веб страни следејќи ги примерите на овие иматели, со што на граѓаните ќе им го доближат своето работење и воедно ќе ја зголемат својата транспарентност и отчетност.

Агенцијата спроведувајќи го мониторингот утврди дека активната транспарентност кај имателите е се уште на ниво кое налага општините да се подобруваат во својата проактивност кон граѓаните и информациите кои ги публикуваат и истите да ги поставуваат во посебен банер/линк под наслов ЛИСТА НА ИНФОРМАЦИИ, со што истите ќе бидат достапни до барателите и на тој начин ќе го намалат бројот на барања по слободен пристап до информациите од јавен карактер.

И во иднина, на обуките кои Агенцијата континуирано ги организира за службените лица кај имателите на информации ќе биде ставен  акцент на активната транспарентност и доследна примена на членот 10 од Законот за СПИЈК, зашто  на тој начин имателите им помагаат на граѓаните подобро да го разберат функционирањето на институциите, нивните права и обврски, начинот на којшто можат да влијаат врз донесувањето на одлуките што се рефлектираат врз нивното секојдневно живеење и работење, како и полесно да им пристапат на услугите што им ги нудат институциите под надлежност на локалната самоуправа.

Accessibility Toolbar