„ТРАНСПАРЕНТНОСТА И ОТЧЕТНОСТА НА ЈАВНИТЕ ОРГАНИ Е ЕДЕН ОД ЦЕНТРАЛНИТЕ ПОСТУЛАТИ ВО ВОСПОСТАВУВАЊЕ НА НАЦИОНАЛЕН ИНТЕГРИТЕТ И ВО БОРБАТА ПРОТИВ КОРУПЦИЈАТА“

09.12.2021

На  одбележувањето на Меѓународниот ден за борба против корупција, кој се одржа под мотото „Избери го вистинскиот правец! Избери интегритет!“, свое обраќање имаше директорката на Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер, Пламенка Бојчева. Во сесијата 2 „Државната комисија и создавањето на систем на интегритет“, на овој хибриден настан преку платформата ZOOM, како дел од пилот програмата на пет институции заради имплементација на системот на интегритет, Бојчева, меѓудругото, истакна:

„Една од клучните заложби на Агенцијата е да го издигне овој збир на вредности и норми на институционално ниво. Транспарентноста и отчетноста на јавните органи е еден од централните постулати во воспоставување на национален интегритет и во борбата против корупцијата. Јавниот притисок и граѓанската партиципативност се исклучително моќни механизми кои функционираат исклучиво доколку граѓанинот е соодветно и континуирано информиран за општеството во кое живее, за начинот и околностите под кои се донесуваат јавните политики, начинот на кој се врши трошењето на јавните средства.

Моја огромна чест е што Агенцијата има тесна, континуирана соработка со ДКСК, со кои рака до рака, заеднички го унапредуваме и промовираме слободниот пристап до информации од јавен карактер како моќна антикорупциска алатка. Од спомнатата кооперација, можам особено да ги издвојам активностите кои се остваруваат во рамките на приклучениот ИПА2 проект за Транспарентност и отчетност на јавната администрација, во насока на зајакнување на националниот интегритет, од кои една од нив е и кампањата за социјалните медиуми. Постигнатите резултати од нашата меѓусебна соработка се евидентни и треба да ни служат како инспирација за сите нас дека заедно можеме да постигнеме напредок во издигнувањето на граѓанската свест, неспоредливата моќ на јавниот притисок, со цел зголемување на националниот интегритет и одговорноста на јавните институции и службеници.“, потенцираше Бојчева.