ОФИЦИЈАЛЕН ПОЧЕТОК НА КАМПАЊАТА „ИЗБЕРИ ЈА ВИСТИНСКАТА НАСОКА: ИНТЕГРИТЕТ“

13.07.2021

Денеска на прес конференција беше претставена кампањата „Избери ја вистинската насока: Интегритет“, која има за цел промовирање на интегритетот како клучен темел на општеството и демократијата и една од основните вредности на ЕУ. Кампањата за интегритет е дел од проектот „Промовирање на транспарентноста и одговорноста на јавната администрација во Република Северна Македонија“, кој е финансиран од Европската унија, а чии корисници се Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер и Државната комисија за спречување на корупција.

Главната порака на кампањата „Избери ја вистинската насока: Интегритет“ е дека секој граѓанин може да влијае на нивото на интегритет преку секојдневни, лични одлуки и избори. Одбивањето на секој  како поединец, како индивидуа да учествува во коруптивни практики, обелоденувањето на корупцијата и другите незаконски и неетички однесувања преку следење на работењето на јавната администрација се меѓу оние избори што треба да се охрабрат да ги прават граѓаните, а за таа цел можат да го користат уставно загарантираното право на пристап до информации од јавен карактер.

„Еден од начините за следење на работата на јавната администрација е остварување на правото на пристап до информации од јавен карактер, така граѓаните се информираат за работењето на администрацијата, а особено за трошењето на буџетските средства, односно на јавните пари. Со овој проект, во кој ние настапуваме со слоганот „Сакам да знам“, очекувам да постигнеме зголемена видливоста на Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер, да ги охрабриме  граѓаните да го остваруваат своето уставно право на пристап до информации за активностите на институциите и трошоците од нивното работење, да ги едуцираме како да го остварат правото и како да се обратат до нас доколку имателите на информации од кои побарале, не им ги обезбедиле информациите.“, рече на денешната прес конференција директорката на Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер, Пламенка Бојчева.