Обраќање на директорката Бојчева по повод Меѓународниот ден за пристап до информации

28.09.2021

По повод Меѓународниот ден за пристап до информации-28 септември, интегрално го објавуваме обраќањето на директорката на Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер, г-ѓа Пламенка Бојчева:

„Почитувани гости учесници на денешниот настан,

Ви благодарам што ни се приклучивте заедно да го одбележиме 28ми Септември Меѓународниот ден на слободниот пристап до информациите од јавен карактер.

Во нашата држава по примерот на повеќе демократски држави, со донесувањето на првиот Закон во 2006 година, концептот за слободен пристап до информации од јавен карактер доби право на граѓанство и во нашето општество.

Денес, 15 години од донесувањето на првата законска рамка и речиси две години од влегувањето во сила на постојниот Закон за слободен пристап до информации од јавен карактер, можеме слободно да заклучиме дека е постигнат значителен напредок во остварувањето на ова право во Република Северна Македонија. Повеќе од видлив е постигнатиот развој и унапредување на демократските процеси во нашата држава, бидејќи  преку овозможување на непречен проток и на слободен пристап до информаците од јавен карактер, најдобро се заштитуваат вредностите на едно демократско општество.

Најзначајна улогата во заштитата и остварувањето на ова уставно право на човекот и граѓаните, во промоцијата и поттикувањето на транспарентноста и отвореноста на имателите на информации има секако Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер.

Со задоволство можам да забележам дека извонредните заложби на Агенцијата и на вработените резултираат со значително подигнување на достапноста на информациите од јавен карактер во нашата земја, но и на свеста и едуцираноста на граѓаните во остварување на ова право.

Дозволете ми накратко да се осврнам на тоа што Агенцијата го работеше во годината што изминува.

Имено, до денес во Агенцијата се пристигнати вкупно 708 жалби, постапено е по 639, а постапувањето по останатите жалби е во тек.

Ќе ја истакнам најголемата придобивка која Агенцијата ја постигна во своето работење. Како никогаш досега во 15 годишното имплементирање на Законот, процентот на поднесени жалби по однос на молчењето на управата е преполовен. Повеќегодишниот 70 – 80 процентен показател дека имателите не постапуваат во законски предвидениот рок по добиените барања, оваа година е сведен на само 37 проценти. Тоа покажува дека имателите постапуваат и одговараат на барањата на барателите, а Агенцијата се етаблира во препознатлив и респектабилен заштитник на правото на пристап до информации.

Значителен е и бројот на предмети од околу 60 проценти кои се завршени со запирање на постапката од страна на барателите на информации. Наведеното се должи на фактот дека по приемот на жалбите Агенцијата не само што постапува по истите туку и се залага и посредува кај имателите на информации барателите да ги добијат бараните информации.

За одбележување е и работата на прекршочната комисија формирана во рамките на Агенијата. Оваа година до денес таа спроведе 341 прекршочна постапка против службени лица кои во законскиот рок не доставиле годишен извештај за примена на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, или не постапиле по решение донесено од страна на Агенцијата.

Познат е фактот дека Агенцијата преку своите вработени, кои се врвно обучени обучувачи, континуирано редовно врши едукација на службените лица кај имателите на информации за примената на Законот. Во оваа прилика би ја споменала обуката на службени лица од политичките партии организирана во соработка со Институтот за Републикански Истражувања реализирана во текот на месец јуни.

Во изминатиот период Агенцијата работеше на подготовка на повеќе пишани материјали кои на барателите им го олеснуваат пристапот до информации, а на имателите им даваат насоки кон отворено и транспарентно работење. За таа цел подготвен е Водич за делегирање на надлежност, кој пред се е наменет за одговорните и раководни  лица кај имателите на информации. Водичот наскоро ќе биде редактиран и електронски дистрибуиран до сите 1440 иматели на информации.

Подготвена и во постапка на печатење и дистрибуција е кратка брошура наменета за барателите на информации од јавен карактер, во која накратко е опишана постапката за остварување на ова право.

Оваа година, Агенцијата согласно своите надлежности, изврши два мониторинга на веб страниците на општините, на ЗЕЛС, Центрите за развој на плански региони, како и на јавните претпријатија, тргвски друштва и установи основани од страна на општините и до субјектите на мониторингот го достави конечниот извештај.

Во оваа прилика би ја потенцирала поддршката од Европската делегација, која е исклучително значајна за Агенцијата. Имено,  во рамките на ИПА 2 проектот “Промовирање на транспарентност и одговорност во јавната администрација“,  финансиран од страна на Европската унија, во тек е кампања насловена како “Избери го вистинскиот пат- Избери Интегритет“. Цел на кампањата е запознавање и поттикнување на граѓаните, не само граѓанските организации и медиумите, да го користат правото на слободен пристап до информации од јавен карактер – со тоа ја поттикнуваат транспарентноста на институциите.  Верувам дека сите веќе сте ја виделе содржината која се појави на социјалните мрежи под хаштагот “Сакам да знам“.  Тоа е таа кампања која има за цел да информира, едуцира и да ја подигне свеста на граѓаните за остварување на нивното право на пристап до информациите од јавен карактер, со тоа граѓаните ќе имаат увид во работата на институциите и ќе ги стимулираат на транспарентност во извршувањето на нивното работење.

Факт е дека живееме во дигитално време. Тоа ја наметнува потребата од прилагодување на општеството кон промените кои ги воведува технологијата. Прилагодувајќи се на тековите на дигиталната ера, подготвени се и се ставаат во функција модернизирани ИТ-алатки за подобрен оперативен капацитет на Агенцијата и обезбедување подобрени услуги за барателите и имателите на информации од јавен карактер. Тоа се Е -порталот за Баратели и е-порталот за Имателите. Повеќе детали за истите ќе слушнете од професорот Јакимовски, лидер на тимот кој ги изготви овие две софтверски решенија.

Би сакала да му се заблагодарам на Г-динот Кашумов, познат и признат експерт во областа на слободниот пристап до информации, кој е денес присутен овде со нас. Под негово водство се изработени долгоочекуваните Прирачник за спроведување на тестот на штетност, како и Прирачници за проактивно објавување на 22 категории на информации содржани во член 10 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.

Изработените пишани материјали и електронски платформи за кои веќе говорев,   сите заинтересирани во моментов можат да ги најдат на веб страната на Агенцијата – aspi.mk.

На крајот би сакала да се заблагодарам на сите партнери и соработници на Агенцијата, особено на Европската делегација за дадената поддршка која е повеќе од неопходна за функционирањето на Агенцијата и се надевам дека поддршката ќе продолжи и понатаму во континуитет. Му благодарам на Вицепремиерот за борба против корупцијата и криминал, одржлив развој и човечки ресурси Г-динот Николовски што во слободниот пристап до информации препознава една од алатките за борба против корупцијата, како и за неговиот силен ангажман и посветеност за справување со корупцијата, а се со цел да се обезбедат високите Европски стандарди за транспарентно демократско општество.

Ви благодарам на вниманието.“