ИЗВЕШТАЈ ЗА ИЗВРШЕНА ПРОВЕРКА НА ОБЈАВЕНИТЕ ДОКУМЕНТИ И ИНФОРМАЦИИ КОИ ИМАТЕЛИТЕ ОД СУДСКАТА ВЛАСТ ВО РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА СЕ ОБВРЗАНИ ДА ГИ ОБЈАВАТ НА СВОИТЕ ВЕБ-СТРАНИЦИ

11.07.2022

Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер, согласно своите надлежности и согласно потпишаниот Меморандум за соработка со Судскиот совет за зголемување на активната транспарентност на судовите во насока на доследно спроведување на одредбите од Законот за СПИЈК и остварувањето на правото на граѓаните за слободен пристап до информации, спроведе мониторинг на интернет страниците на основните, апелационите судови, Управниот суд, Вишиот управен суд, Врховниот суд и Судскиот совет во врска со почитување на членот 10 од Законот. Агенцијата изврши мониторинг на 35 иматели, односно на веб страниците на судовите, а објавени на Листата на иматели на информации на веб страната на Агенцијата. Мониторингот беше спроведен во периодот од 30 мај до 01 јули 2022 година. Треба да напоменеме дека со Мониторингот не се прави анализа на содржините, односно на квалитетот на објавените информации.

Од страна на Судскиот совет прашалниците беа доставени до имателите на информации и во рокот предвиден за доставување на одговорите, сите 35 иматели одговорија на прашалниците, и во нив беа содржани линкови до конкретните документи како што беше побарано за потребите за мониторирање на веб страниците.

Мониторингот беше спроведен согласно новата методологија имплементирана во соработка со надворешни експерти, ангажирани од ИПА II Проектот „Транспарентност и 4 отчетност на јавната администрациија“, чиј корисник е Агенцијата. Изготвениот прашалник содржи вкупно 30 прашања кои произлегуваат од членот 10 од Законот, а се во согласност со нивните надлежности. Некои од нив содржат едно или повеќе подпрашања, а максималниот број на можни бодови изнесува 50. Имателите за објавените податоци добиваат 0, 0.5 и 1 бод, зависно од бројот и ажурираноста на објавените документи. Прашалникот беше дистрибуиран до имателите, од кои беше побарано сами да извршат евалуација на сопствената транспарентност.

Извештајот од мониторингот можете да го симнете на следниот линк: https://aspi.mk//wp-content/uploads/2022/07/ИЗВЕШТАЈ-ОД-МОНИТОРИНГ-НА-СУДСКА-ВЛАСТ-2022.pdf